Водните живеалишта се природен филтер на езерото и тие мора да се заштитат и да се стават во туристичката понуда на Охрид. Ова меѓу другото, беше истакнато на трибината што по повод Светскиот ден за заштита на водните живелишта – 2 февруари, се одржа денеска  во Охрид.

Дејан Пановски, македонски претставник во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, што ја организираше денешната трибина, ја истакна потребата од  прекугранична заштита на екосистемот во сливот на езерото.

Без прекугранична соработка не е можна заштита на Охридското Езеро и неговиот слив. Таа соработка постои, таа е континуирана, комуникацијата е секојдневна. Иако еколошките вредности се под силен удар на економските интереси, мора да се погрижиме да го одбраниме секое парче од природните реткости, и истото да го ставиме во функција.-рече Пановски.

Пановски посочи дека квалитетот на водата во Охридското Езеро не е нарушен, но и натаму остануваат актуелни проблемите со најголемите загадувачи, а тоа се се реките кои се вливаат во езерото, како на македонска така и на албанската страна, кон што треба да се фокусираат напорите на двете држави.

-Останува и проблемот за заедничко управување со рибниот фонд, што е критично прашање. Мора да се подобри заштитата и на водните ресурси и на рибниот фонд, а исто така мора да се подобри туристичката валоризација на природните реткости како што се блатните предели во сливот на Охридското Езеро, додаде Пановски.

На трибината свое обраќање имаше и Васко Ложанкоски, магистер по туризам, кој истакна дека природните вредности треба да бидат валоризирани и да се стават во функција на развој на туризмот. Тој посочи дека тоа што  охридскиот регион е под заштита на УНЕСКО не значи дека културните и природни вредности треба да се стават под стаклено ѕвоно, туку напротив, истите треба соодветно да се заштитат и да се промовираат како атрактивни туристички содржини.

-Добро би било кога се работи за заштитени подрачја како Охрид, природните вредности да бидат ставени во функција на туризмот, односно да бидат носечки мотив на локалниот економски развој, рече Ложанкоски.

Тој истакна дека едно такво природно богатство е Студенчишкото блато, кое со одредени зафати кои треба да се направат таму, може да прерасне во туристичка дестинација и да ја збогати понудата на Охрид.

OhridNews