Според правилникот кој ќе се применува по половина година, возилата регистрирани на подрачјето на општина Струга, наместо досегашната ознака ОХ, ќе имаат регистарски таблички со ознака на градот Струга. Свои регистарски таблици ќе имаат и градовите Гевгелија, Кавадарци, Кочани, Кичево, Крива Паланка, Радовиш, така што од поголемите места без сопствени таблички ќе останат само Ресен, Дебар, Делчево, Кратово, Свети Николе.

Замената на старите со нови регистарски таблички на моторните возила ќе почне по шест месеци, кога ќе бидат воведени седумте нови регистарски подрачја. Новите таблички на жителите од градовите именувани како нови регистарски подрачја ќе се даваат по барање на граѓаните, кои ќе бидат обврзани да ги сменат веднаш по стапувањето во сила на Правилникот.

Нови таблички ќе се издаваат и при прва регистрација на возило и при замена на изгубена регистарска табличка. Таблици со нов лик освен на автомобилите, ќе се ставаат и на камионите, тракторите, мопедите, мотоциклите, трициклите, приклучните возила, но и работните машини, мотокултиваторите и езерските пловила.

На предниот дел од возилото на табличката ќе има ознака или име по избор на сопственикот, а на задната ќе биде стандардна. Новина е и тоа што табличките нема да бидат трајни како сегашните, туку ќе се менуваат на седум години.

OhridNews