Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 63-годишен жител на Охрид, соопшти портпаролот Стефан Димовски.

На 18 март, при извршена контрола на лица со мерка „здравствен надзор и домашна изолација“, полициските службеници констатирале дека пријавениот не се наоѓа во неговиот дом и не се придржува кон мерките за 14-дневна самоизолација.

Пријавениот, на 17.03.2020 година, кога со авионски лет од Холандија пристигнал на Меѓународниот аеродром „Скопје“, своерачно, под полна морална, материјална и кривична одговорност потпишал изјава дека доаѓа од земја која според Листата од СЗО е зафатена од коронавирус COVID – 19 и дека во времетраење од 14 денови во неговиот дом во Охрид ќе спроведе задолжителна самоизолација. Пријавениот, со непридржување до одредбите во изјавата, ги прекршил мерките за самоизолација и постапил спротивно на прописите за спречување на појава, внесување, рано откривање, спречување на ширење и сузбивање на коронавирус COVID – 19, предвидени во одлуката на Владата и писмената наредба донесена од страна на Министерството за здравство. – информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

Граѓани се почесто пријавуваат непочитување на мерките за заштита од коронавирусот

Димовски вели дека изминатите некоку дена зголемен е бројот на пријави од охриѓани за сограѓани кои треба да бидат во задолжителна самоизолација, а не ја почитуваат мерката за справување со коронавирусот.

СВР Охрид ќе врши ригорозни контроли и нема да има толеранција кон никого во почитувањето на пропишаните мерки за заштита и спречување на ширење на пандемијата. – вели Димовски.

OhridNews