На инфективното одделение при Општата болница во Охрид, денеска починала 77 годишна жена струшкото село Подгорци. Информацијата за OhridNews ја потврди директорот на болницата Др. Горан Балевски.

Тој информираше дека пациентката во лоша здравствена состојба била донесена на Инфективното одделение вчера со приватно возило. Веднаш била хоспитализирана и и’ била пружена соодветна медицинска помош. Таа имала пневмонија и бројни коморбидитети, а се лекувала во домашни услови.

На пациентката по приемот веднаш и бил земен брис, а истото било направено и по нејзината смрт. Се очекуваат резултатите, по што ќе може да информираме од што точно таа починала. – истакна Балевски.

Др. Балевски вели дека охридската општа болница благодарение на добрата организација, личното залагање на поискусните лекари и големата помош од донатори, во моментов располага со доволни количини заштитна опрема на сите одделенија, благодарение на што непречено се одвива работата на сите оддели, а се прават и неопходните операции.

Операционите тимови се опремени до најситен детаљ и располагаат со соодветна заштита, што е од исклучително значење во актуелниот амбиент кој создава сериозен притисок врз здравствениот систем. – вели Др. Балевски.

Др. Балевски информира дека охридската болница има барања од сродните установи во регионот за отстапување на дел од заштитната опрема, на што соодветно ќе биде одговорено, што, пак, говори за добрата поставеност на организацијата во моментов, каде главен приоритет е заштитата на медицинскиот персонал и пациентите.

Г.М.