Вработените од НУ фестивал „Охридско лето“ во соработка со јавното претпријатие „Охридски комуналец“, во рамки на акцијата на Министерството за животна средина „ Македонија земја на цвеќето- земја на розите“, хортикултурно го уредија Долни Сарај со разни видови цветни насади со што на просторот му се врати препознатливиот лик на кој се сеќаваат постарите вработени во Охридско лето.  

Трајче Наумоски, кој веќе четири децинии е задолжен за организацијата на музчко сценски настапи на учесниците на „Охридксо лето“ вели дека сцената Долни Сарај некогаш изобилувала со рози.

– Се договоривме тимски да излеземе на сцената Долни Сарај и да и го вратиме сјајот што го имаше некогаш. Отсекогаш овде се засадувале рози и други цвеќа. Последните години малку ја запоставивме сцената која некогаш најмногу се користеше за време на фестивалот „Охридско лето“, изјави Наумоски.

Според директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска, фестивалските сцени мора да бидат убаво уредени, а денешната активност е само една од низата за оплеменување на парковските површини каде што доаѓаат светски познатите личности.

– Подготовките за уредување на сцените каде што настапуваме ги започнуваме симболично денеска, на Денот на пролетта, во рамки на националната акција „Македонија земја на цвеќето, земја на розите. Покрај розите имаме и други цвеќиња и нискостеблести растенија. Минатата година, за сите сценски простори каде што ги реализиравме настаните на „Охридско лето“ од „Охридски комуналец“ добивме прекрасни цвеќиња, рече Јанкуловска.

Директорката на „Охридски комуналец“ Елена Скрческа истакна дека од годинава цветниот асортиман на претпријатието е збогатен со нови садници кои ќе бидат засадени низ градските паркови.

OhridNews