Според опозицијата новата локална власт, и покрај постојаните укажувања дека затекнала преобемна администрација, во текот на изминатите неколку месеци дополнително работно  ангажирала 90 луѓе во администрацијата и јавните претпријатија во Охрид, како што вели- партиски членови на владеачката партија.

Сведоци сме дека и покрај како што беше кажано преголемиот број вработени, секојдневно се ангажираат нови луѓе, партиски членови, додека истовремено се врши реваншизам кон неистомислениците, рече на денешната седница на советот координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

На обвинувањето одговори градоначалникот Никола Бакрачески кој потенцира дека стои на ставот дека по преземањето на власта се соочиле со преобемна администрација во која и покрај преголемиот број вработени бил констатиран недостаток од кадар кој ја поседува потребната стручност за извршување на работните обврски.

Најголемиот број од затекнатите вработени лица имаат дипломирано на Факултетот за туризам и угостителство, што не е соодветно образование за голем дел од работните места во администрацијата.  Останувам на ставот дека има преголема вработеност, но има и недостаток од потребен соодветен стручен кадар. И покрај тоа, досега на неопределено работно време ангажирани се вкупно седум лица во администрацијата и јавните претпријатија. Повторувам дека нема да има бркања од работа, во изминатиот период од работа е испуштено само едно лице од ЈП Охридски комуналец поради поведена дисциплинска постапка, рече градоначалникот Бакрачески.

Од опозицијата со обвинувања и за незаконско политичко рекламирање.

По улиците сеуште може да се видат билборди со ликот на градоначалникот кои беа поставени за минатите локални избори. Согласно законот за избори ваквите содржини треба да се отстранат најдоцна 30 дена по изборната постапка. Но, тие не само што не се отстранети, туку се и обновени, а проценката е дека за една година за вакво рекламирање треба да се платат околу 60.000 евра, рече советникот Тунтев.

Градоначалникот одговори дека доколку има вакви предизборни материјали низ градот тие ќе бидат отстранети , но потенцира дека локалната самоуправа не плаќа ниту денар за поставување на изборен материјал на билборди.   

На седницата беа поставени и прашања околу комерцијалните кредити со кои се предвидува да се отплаќа долгот на општината, до каде е реконстукцијата на детските градинки и училиштата, колку улици се реконструирани, кога ќе се отвори средно музичко училиште во Охрид, како и колку пари потрошиле јавните претпријатија и администрацијата за репрезентација во периодот јануари- март 2013.

Т.К.