Во рамки на долгогодишната и континуирана соработка на Црвен крст Охрид со Националниот Здравствен Сервис на Холандија(NHS) во делот на првата помош, се реализира нова донација наменета за тимовите на парамедици на Црвен крст Охрид и на тимовите на спасители од Службата за спасување на планина и непристапни терени при Црвен крст Охрид.
Донацијата се состои од два LIFE PACK монитори на кои можат да се следат виталните животни функции во човечкото тело и во случај на потреба да се интервенира со вграден дефибрилатор.
– Ова е една опрема која ќе биде многу корисна за тимовите на парамедици кои ги имаме обучено од страна на националниот здравствен сервис во 2016 година, но и за службата за спасување на планина која е во тек на формирање. Мониторот кој ќе е во општинскиот Црвен крст ќе им биде на располагање и на учениците од средното медицинско училиште „Св. Кирил и Методиј“, потенцира претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков при денешното примопредавање на донацијата.
Предавањето на мониторите го изврши претставник на NHS од Холандија, Роб Судмајер, кој воедно е и инструктор за прва помош на Црвен крст Зеволде.
– Со помош на тренираните лица за нивно користење, овие монитори можат да помогнат да се спасат животи. Многу ни е драго што пред две години веќе обучивме лица кои ќе знаат да ги користат мониторите. Во Холандија здравстевниот систем на итната помош се базира на работата на медицинските сестри, а не на лекари. На тренинг обуката обучивме ученици и лица од Црвен крст, како да делуваат во животно загрозувачки мигови кога не е присутен лекар. Четири од нив имаа можност да дојдат во Холандија и имаат практична работа, при што покажаа одлично знаење. Затоа одлучивме ваквите обуки да продолжат, да донираме и придонесеме за да се формира база за продуцирање на парамедици, изјави Судмајер.
Посетата на претставникот на NHS од Холандија ќе биде искористено за подготовка на програма за нова обука за парамедици за потребите на Црвен крст Охрид, која според европските стандарди и под водство на инструктори од NHS од Холандија би се реализирала во месец септември 2018 година.
OhridNews











