Меѓународната изложба „Златните лица на македонските кралеви-Македонците и Келтите од Охридскиот регион“, дел од проектот на Европската унија „Судир на културите“, во среда ќе биде отворена во Келтско-римскиот музеј во Манхинг, Германија.

Како што информира министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на изложбата, која ќе биде отворена до 16 ноември, ќе земат учество Заводот за заштита на спомениците на  културата и музеј Охрид, Археолошкиот музеј на Македонија, Музејот на град Неготино и „Келтен ромер музејот“ од Германија во координација со Управата за заштита на културното наследство.

Поставката составена од 62 вредни артефакти кои потекнуваат од 5 до 3 век пр.н.е. и кои се  пронајдени на територијата на нашата земја за време на археолошките истражувања,  е потврда за моќта на македонската аристократија, како и за  контактите меѓу предисторискиот Централно-европски келтски свет и Медитеранската култура на империјална Македонија во период меѓу VI и II век пр.н.е. Златната маска и ракавица, златен накит, монетите, медалјоните стари 25 века, познатата фигурина на Изида од алабастер, садови од керамика, белегзии, оружје, келтски шлемови,  но, и другите предмети сликовито ја раскажуваат приказната за Македонија, која е  неизоставен дел од мозаикот на европската цивилизација и култура, вели Канческа-Милевска.

Во Манхинг ќе бидат изложени три блока предмети, кои потекнуваат главно од градот Лихнид на Охридското Езеро, златниот трезор од Тревник, во близина на Неготино и предметите на Келтите кои своите животи ги положиле за одбрана на граѓаните на Лихнид.

За осигурување на археолошките предмети се платени 5 милиони и 378 илјади евра, средства обезбедени од проектот, а направени се и сите анализи и мерки за утврдување на автентичноста на предметите, при нивно излегување и враќање.

OhridNews