Мермерна глава на граѓанин на Лихнидос со авторитетен израз е откриена на Плаошник, во близина на поликохалната ранохристијанска црква од 5-6 век. Главата е со исклучително фина изработка во мермер и претставува лик со брада и венец на главата, што укажува на угледната позиција што ја имал претставениот граѓанин. На венецот, на растојание што се повторува, се оставени отвори во кои најверојатно биле вметнувани лаврови листови.

– Според сите показатели со кои сега располагаме, сметаме дека мермерната глава е на Аврелиј Кратет, угледен граѓанин на Лихнидос, тогашна престолнина на Десаретите, кој бил толку познат што имал своја статуа и во светилиштето на Асклепиј во Атина – вели Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство. Ваквите сознанија се темелат на податоци од монографското издание „Охрид“ (книга прва) од Фанија Папазоглу, печатена во 1985 година, во која авторката зборувајќи за угледот на Охрид, тогашен Лихнидос, во царскиот раноримски период (1-3 век) ги анализира арите (епиграфски извори од надгробни споменици), пишувајќи: „Другата (ара, з.н.), единствена во целост зачувана е посветена од Десаретите на граѓанинот Аврелиј Кратет, син на Птолемеј, ‘славен според образованието научник‘, кому и Атињаните му подигнале статуа во светилиштето на Асклепиј“. Во фуснотата се вели дека арата е најдена во ранохристијанска црква во Имарет, вѕидана како столија (паганско материјално наследство што христијаните како еднобошци го користеле како градежен материјал при изградбата на своите храмови).


Плаошник крие уште многу тајни

Овие податоци ги упатиле археолозите на Плаошник да ја поврзат пронајдената мермерна глава со натписите за угледниот Кратет, Птолемеевиот син. – Наодот ни е важен зашто ги потврдуваме епиграфските извори за постоењето на угледен граѓанин од Лихнидос од тоа време, познат до Атина, а со македонско потекло. Неговиот татко Птолемеј носи традиционално старомакедонско име. Со овој наод, освен тоа, го потврдуваме и големото значење на Плаошник како свето место и на Лихнидос како град – вели Паско Кузман. Тоа е, велат охриѓани, веројатно далечниот претходник на Прличев, кој среде Атина, 16 века пред Прличев да го добие лавровиот венец за „Сердарот“ во овој град, си нашол место во едно атинско светилиште. Истражувањата на Плаошник продолжуваат. Таму и понатаму работи тим од близу 500 луѓе, кој ги продолжува ископувањата до 31 декември.

„Време“