Снежната блокада на голем број планински села во земјава, чии жители со денови беа отсечени поради непроодните и неисчистени патишта кои водат до нив, го наметна прашањето- колку Македонија е подготвена соодветно и навремено да реагира во вакви ситуации.

Во дел од завеаните села помош се носеше по воздушен пат, но во некои од нив и покрај апелите за помош од страна на жителите, хеликоптерите не можеа да им помогнат. Таков случај беше и со струшкото село Модрич, каде на апел на жителите за помош во лекови, одговори Единицата за спасување во планина и непристапни терени која функционира во рамки на општинскиот Црвен крст.  


Бевме повикани од Центарот за управување со кризи, по што се упативме кон Модрич. Движејќи се со специјални скии успеавме да стигнеме до селото каде имаше снежни наноси и до два метри. Ги предадовме потребните лекови и веднаш трганавме назад, објсанува алпинистот Антонио Додевски, член на Единицата за спасување во планина.

Единицата функционира веќе седум години и е составена од алпинисти и планинари, специјално обучени за изведување на вакви акции. Освен во Охрид, ваква единица има и во Скопје.

Проблем е што и покрај неопходноста од функционирањето на вакви единици , сеуште од страна на државата нивното работење не е законски регулирано и институционализирано. Засега користиме сопствена и опрема од Црвениот крст. Но, кога таа ќе се расипе принудени сме сами да ја купуваме, а истовремено никој не гарантира за нашите животи доколку тие се изложени на опасност при ваквите интервенции, вели Додевски.

Сериозноста на ситуациите наметнува неопходност од поголема и беспрекорна организација, при која точно ќе се знае каде и кога треба да се интервенира, за колку лица и по чиј налог.


Додевски информира дека општинскиот Црвен крст заедно со организацијата на ниво на Македонија прави напори, конечно ваквите единици да се стават во еден систем и да се формира служба која ќе ги покрива потребите низ цела Македонија.

Т. Кувенџиска