Македонските вина благодарение на големиот број сончеви денови и умерената клима, која е исклучитечно погодна за одгледување квалитетни сорти грозје, се на рамниште со најдобрите вина во светот, како што се тие кои се произведуваат во Франција и Италија. Но, сепак недостигаат мошне важни финеси, пред се во транспортот  на грозјето во технолошкиот процес на производство, за да се направи последниот исчекор и да се достигне потребниот квалитет на виното, неопходен за тоа да стане препознатлив бренд во светот.

Ова е оценка на Ѓорѓи Стојаноски, сомелие и експерт по вино, инаку охриѓанец по потекло кој своето знаење од областа на енологијата го усовршува четири децении во елитни угостителски објекти и хотели од највисока класа во Австрија и Швајцарија. Тој денеска беше гостин на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, каде пред наставниот кадар и заинтресирани студенти одржа предавање  и имаше дегустација на вина од повеќе домашни производители.


Ѓорѓи Стојаноски

Стојаноски истакна дека  призводството и понудата на квалитетно вино е еден дел од севкупната туристичка понуда и дека е потребно да се обрати повеќе внимание на овој сегмент во угостителството. Спорд него потребна е да се следат и применуваат светските практики и успешни примери на други земји, посочувајќи дека и маркетингот игра голема улога во продажбата на вината.

– Проблемот е тоа што винарските визби во Македонија како да не сакаат да соработуваат меѓусебно. Заеднички настап на поголеми саеми, со менаџерски тим што ќе ги презентира сите македонски вина, значи поголема можност за успех, рече Стојаноски.


Тој истакна дека квалитетот на сортата вранец во Македонија, која оригинално потекнува од Црна Гора е со извонреден, но според него добро би било да се одгледуваат на поголеми површини и автохтоните сорти.

-Таква е сортата „станушина“, која сега во Македонија е сосема малку застапена. Останува, доколку намерата е да се произведува автохтоно вино, таа сорта лоза да биде засадена на поглеми површини и да се произведува наше вино, што ќе биде репрезент на нашето винопроизводство, истакна Стојаноски.


Ангела Василевска, професор и раководител на катедрите за гастрономија и хотелско-ресторански менаџмент на ФТУ во Охрид од своја страна забележа дека за жал, винската култура во Македонија е на многу ниско ниво.
 
– Буквално, виното го пиеме од навика, а не од задоволство. Пиењето вино треба да претставува задоволство, чин што ги допира сите човекови сетила, притоа да се добие хармонија што ќе ја затопли душата и загрее крвта, рече Василевска.


Проф. Д-р Ангела Василеска

Василеска посочи дека целта на  денешната дегустација на вино и предавањето е да се подигне општата култура на студентите како идни експерти по гастрономија, а сето тоа во насока на подобрување на севкупната туристичка понуда на Македонија.

-Најважно е да се подигне моралот на студентите да им се каже дека гастрономијата е исклучително значајно занимање, но и важна економска гранка за Република Македонија и да сфатат дека треба да се надградуваат себе си и да го достигнат врвниот квалитет, како што тоа го има направено нашиот сонародник Ѓорѓи Стојаноски, додаде професорката Василеска.

Посетата и стручното предавање на познатиот сомелие Ѓорѓи Стојаноски, на ФТУ Охрид го овозможи „Килизма хотел консалтинг“, специјализирана компанија за советувања, менаџмент услуги и обука на перзонал во хотелско угостителскиот бизнис.

OhridNews