Врвни и ексклузивни уметнички имиња ќе донесе 52.издание на реномираниот фестивал Охридско лето. Според работниот дел на годинешната фестивалска програма, кој беше презентиран денeска, во драмскиот дел на фестивалот, освен долгонајавуваниот театарски ораториум ,,Ромео и Јулија’’ од Вилијам Шекспир во режија на Дејан Пројкоски, со кој ќе биде отворено годинешното издание, театарската публика ќе има можност премиерно да ги проследи претставите ,,Питачка опера’’ во режија на Дино Муфтиќ во продукција на Албански театар Скопје и ,,Декамерон’’ во режија на Боњо Лугов од Бугарија во продукција на Македонски народен театар и Тетарот за деца и младинци од Скопје. На прогамата ќе бидат и праизведбите на ,,Крвава свадба”‘ по текст на Јулија Паскал во продукција на Театар Паскал Компани од Лондон, Англија и ,,Почетокот на народите’’ од Јордан Плевнеш во режија на Владо Цветаноски, во продукција на Драмски театар Скопје.

-500 театарџии ќе пристигнат во Охрид, градот на уметноста, да ја подарат својата уметност на љубителите на театарот.  Во десет театарски претстави, на шест различни простори, на седум различни јазици, на десет уникатни естетики ќе продефилираат светските имиња и низ призмата на класиката ќе го видиме современието со сите свои мани и доблести. Како никогаш до сега Охридско лето ќе се гордее со петте премиери  од кои две праизведби кои во овој миг со неверојатно темпо и возбуда се подготвуваат  во различни театарски куќи, истакна Ѓорѓи Јолевски, селектор на драмската програма на Охридско лето.


Тој истакна покрај премиерите, Охридско лето на својата верна публика ќе им ја подари и сензацијата на македонската тетарска сезона, претставата Хенери шести од Вилијам Шекспир во режија на Џон Блондел. Оваа година во Охрид доаѓа и Ана Петерсон, најдобрата театарска дама, актер и режисер од Шведска, со претставата Госпоѓица Јулија од театарот Интима, а Антигона од Софокле, во режијаа на Кенана Ишик и во изведба на актерите од Истамбул само ќе ја надополни листата на возбудливи театарски случувања.

На ова фестивалско издание ќе земат учество и бројни странски музички ансамбли и солисти од врвен калибар кои за прв пат доаѓаат во Македонија. Во фокусот на интересот оваа година е гостувањето на еден од најпрепознатливите и највозбудливи уметници на денешната џез сцена,  доминиканскиот пијанист Мишел Камило, чиј концерт е закажан за 16 јули. Роденденот на Охридско лето, 4-ти август кога традиционално се одржува вокален концерт, ќе биде „прославен“ со настапот на една од најголемите светски атракции, словенечкиот вокален џез состав „Перпетуум Џезиле“, кој на сцената на Античкиот театар ќе изведе избор од својот богат репертоар на поп, џез, госпел, боса нова, диско и фанк.

Селекторот на музичката програма, Гордана Јосифова Неделкоска, истакна дека настанот кој ќе го обележи годинешното издание на Охридско лето ќе биде  концертот на големата светска атракција-популарното дуо 2CELLOS од Хрватска, Лука Сулиќ и Стјепан Хаузер.

Очекуваме овој концерт да предизвика посебно внимание кај публиката исто како и во најголемите светски сцени каде што редовно настапуваат. Тоа значи дека за Античкиот театар во Охрид на 2-ри август ќе се бара влезница повеќе, истакна Јосифова Неделкоска

Програмата на овогодинешното „Охридско лето“ ја сочинуваат и неколку светски виртуози на пијаното и виолината. Меѓу нив се Андреј Коробејников, Седрик Тибергјен, Сиприен Кацарис, Замир Кабо, Борис Бровцин, Ермир Арбеши, Илја Гринготлс, Питер Лаул и уште многу други музички имиња. На 1 август, на публиката ќе и понуди едно несекојдневно концертно доживување, кое ќе ги обедени класичниот и популарниот музички израз. Станува збор за проектот „Леб и сол Symphony“, кој претставува проект на култната македонската рок група Леб и сол и камерниот оркестар на МММ, кој под диригентско водство на Саша Николовски – Ѓумар.

На свеченото затворање на 52-рото издание на „Охридско лето“ ќе настапи реномираниот мајстор на виолончелото Енрико Диндо со пијано придружба на Моника Катароси.

OhridNews