Храната што им се нуди на гостите во охридските ресторани е еднолична, цените се релативно високи во однос на квалитетот на услугата, а љубезноста на угостителските работници не е на потребното ниво, ова се дел од заклучоците добиени од извршената анкета на туристите кои го посетиле градот во изминатиот период, кои денс им беа презентирани и на угостителските работници на средбата иницирана од градоначалникот Никола Бакрачески .

Како што потенцира градоначалникот, целта на одржаната средба со охридските угостители е врз основ на критиките и сугестиите на гостите, да се извршат корекции и преземат активности за да се изврши подобрување на услугите од областа на туризмот и угостителството.

Од добиените податоци од анкетата треба да извлечеме поуки кои треба да се појдовна основа за тоа како да се корегираме и во кој правец да се движиме во иднина, изјави градоначалникот Бакрачески.

Извршените анализи за понудата во угостителските објекти во Охрид покажале дека тие наликуваат еден на друг, храната е речиси обична, секојдневна, при што на менито најзастапени се скарата и наједноставните оброци.

Воопшто нема специфична понуда како на пример специјалитет на денот, некои традиционални стари јадења коишто се уште не се афирмирани, локални производи , па дури и изготвување специјални понуди во угостителските објекти од типот на енергетски оброк или протеински оброк. Угостителството е приказна којашто клиентот треба да ја понесе со себе. Ако музиката го допира сетилото за слух, уметноста го допира сетилото за вид,  гастрономијата е доживување кое треба да ги допре сите сетила, вели професорката од Факултетот за туризам и угостителство, Ангела Василевска.

Угостителските работници признаваат дека треба да се работи кон подобрување на имиџот на градот и угостителските објекти, но сметаат дека забелешките на гостите се однесуваат на оние објекти кои работаат сезонски.

Треба да се обрне внимание на кои објекти конкретно се однесуваат забелешките во извршената анкетата . Сигурен сум дека гостите се задоволни од услугата во оние угостителски објекти кои работаат преку целата година, додека поплаките се  за објектите чии сопственици сакаат набрзина да се збогатат и работаат сезонски, само во летниот период, при што не обрнуваат внимание на квалитетот кој се нуди, вели  Митко Пендов претставник од охридскиот угостителски еснаф.

Со цел да се отстранат евидентираните недостатоци од областа на туризмот и угостителството, градоначалникот Никола Бакрачески најави формирање на работна група која ќе функционира по теркот на Советот на градски татковци, а во која ќе членуваат претставници од секторот за туризам и локален економски развој, стручни лица од ФТУ, претставници од угостителскиот сектор и приватните станоиздавачи.

Т. Кувенџиска