Со концерт на етно составот „Монистра“ вчеравечер во Охрид започна „Етно фестивалот“ во организација на здружението „АРТ пријатели“ од Охрид, а со поддршка на Општина Охрид . Во име на градоначалникот Кирил Пецаков, за отворен го прогласи советникот Перчо Божиновски.

Ноќва нашиов убав Охрид добива уште еден фестивал во широката лепеза културни случувања „Етно Фестивалот“ со кој на чудесен начин се чувствува спојот на остатоци од цивилизациите и природните реткости. Со оваа манифестација чесно и објективно се вреднува вложената енергија и креативниот напор за создавање трајни вредности и нивно негување и се отвора можност на присутните да се запознаат со значењето на традицијата на ова подрачје која сите ние имаме должност да ја пренесуваме на нашите поколенија. На задоволство на сите нас вечерва во рамки на фестивалот концерт ќе одржи етно составот „Монистра“ којшто годинава слави јубилеј – 20 години од основањето, истакна Божиновски на отворањето на фестивалот.

На денешната фестивалска ноќ ќе биде претатвена ревијата на македонските традиционални носии од сопствената збирка на колекционерот Антонио Стојчески, а потоа следи настапот на членовите на Државниот музички- балетски училишен центар „Илија Николоски- Луј“.

Промовирајќи ги македонските културни традиции и фолклорот ние во исто време ја потврдуваме и нашата македонска гостопримливост и отвореност кон сите кои ги негуваат овие трајни вредности. Традиционалната музика и препознатливите македонски носии како дел од духовното творештво се еден од најзначајните белези на националниот и културен идентитет на секој народ. Токму затоа овој културен настан е многу значаен и вреден за сите нас и јас очекувам истиот да добие традиционален карактер, рече Божиновски.

Додаде дека како локална власт и понатаму ќе поддржуваат вакви настани преку кои меѓудругото се промовираме во светот.

OhridNews