Фудбалерите на Охрид имаа успешна премиера на СРЦ „Билјанини Извори“ совладувајќи ја екипата на Велешта со 2-1 (0-0). „Рибарите“ до првата победа во новата сезона стигнаа со пресврт, благодарение на головите на Александар Ѓорѓиески односно Љупче Трпески во завршните 15-тина минути од средбата.

Двете екипи натпреварот го започнаа многу претпазливо. Во таквата игра подобро се снајде гостинскиот состав кој преку Каба се закани кон охридскиот гол. Избраниците на Драган Бочески првата шанса ја имаа во 30-та минута кога Трпески биеше над голот.

Во финишот од првиот дел, Охрид ја презеде иницијативата и го притисна гостинот. Во судиското продолжение дојде најзрелата шанса за охриѓани. Бурхан Алији од косо излезе „очи в очи“ со гостинскиот голман и се одлучи за лоб удар кој не ја погоди целта.

Одморот на полувреме добро им дојде на гостите. Од првата посериозна прилика во второто полувреме ја затресоа мрежата и стигнаа до водство. Стефан Петрушески беше на стрелец на голот. Тој се најде на вистинско место после несигурна интервенција на домашниот голман Симоновски од обидот од слободен удар на Игор Клечкароски.

Негативата ги разбуди охриѓани кои покрај гостинот за противник го имаа и притисокот. „Сино белите“ фрлија се на една карта и почнаа со напади. Тоа вроди со плод во 70-та минута. Александар Ѓорѓиески шутираше од далечина, а гостински голман ја испушти топката од раце и заврши во мрежата за егал. „Рибарите“ после изедначувачкиот погодок продолжија со нападите. Гостинскиот состав капитулираше во 83-та минута. На право место после центаршутот на Вељаноски се најде Трпески кој со глава ја смести топката во мрежата.До крајот на мечот Велешта имаше супер прилика за втор погодок. Симоновски со „парада“ го одбрани ударот на Ѓорески кој силно биеше во спротивниот агол.

За охридските фудбалери ова беше сефте победа и со четири бодови во првите две рунди котираат во горниот дел од табелата.

Во Втората лига следува двенеделна пауза, а потоа Охрид гостува кај Дрита.

Состави:

Охрид: Симоновски, Вељаноски, Трпески, Цуцули, Лекоски, Шерифи, Ристески (90+ Маркоски), Ѓорѓиески, Алији, Кочоски (67` Дишлиески), Целески (56` Мерсовски)

Велешта: Јонуз, Кадриоски, Ѓорески, Анруши, Лога, Реџепи (90+ Малески), Соколо (82` Мирлинд) Клечкароски, Каба (63` Истрефи), Петрушевски, Арифи, Далчески

OhridNews