На светското наследство неопходна му е итна реформа, повеќе финансии и повеќе права за граѓанското општество и домородното население. Тоа е ставот на светската мрежа на организации во областа на светското наследство World Heritage Watch, чиј член е граѓанската иницијатива Охрид СОС.

На 50-годишниот јубилеј од Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО, активисти од граѓанскиот сектор од цел свет, поднеле агенда за сеопфатна реформа на ова меѓународно тело.

Под името Потсдамски трудови (The Potsdam Papers), мрежата на World Heritage Watch поднесе 12 екстензивни трудови со предлози во клучни области, од политизација, до финансирање, одржлив развој и туризам, соодветни за следните 50 години на Светското наследство, соопшти Охрид СОС.

Штефан Домке, координатор на активностите забележал дека престижот и приходите од туризмот станале толку големи, што земјите се впуштиле во меѓусебен натпревар да стават што поголем број локалитети на Листата на светско наследство, без притоа соодветно да ги заштитат.

Сега, таа листа станува преголема за управување. Во исто време, потписниците на Конвенцијата, помалку од било кога се грижат за строгите барања за заштита на светското наследство, а УНЕСКО не може нешто многу да стори околу тоа. Правилата се со премногу пропусти и дупки, има премногу геополитика наместо вистинска грижа за нашето наследство, истакнал Домке.

Според него, заштитата на културното и природното наследство мора да стане тема на меѓународната агенда за развој со цел да се осигури неговата заштита.

OhridNews