Експерти од земјите од регионот интензивно работат на изготвување на Мастер планот за управување со сливот на Охридското Езеро, кој според најавите треба да биде завршен во наредните 18 месеци. Ова беше најавено на почетниот состанок што се одржа денеска во Охрид, за изработка на Планот за управување на сливот на Охридско Езеро, еден од најважните и најнеопходните документи за иднината на заштитата и управувањето со сливот на Охридско Езеро.
Планот е билатерален и интегрален и ќе биде изработен во согласност со Европската рамковна директива за води и националните законодавства на двете земји кои го споделуваат Сливот на Охридско Езеро.
– Планот предвидува и заживување на Билатералниот комитет за заштита на езерото, кој е дел од меѓудржавниот договор потпишан и ратификуван од парламентите на двете земји. Покрај што има еколошка компонента, овој проект има и економска компонента и затоа ни треба меѓусебна соработка. – изјави заменик министерот за животна средина Јани Макрадули.
Мастер планот е клучна алка која недостасува во заштитата на Охридското Езеро, вели националниот координатор на ГЕФ Дримскиот проект Дејан Пановски. Меѓу другото, планот предвидува и ревидирање на 7 децении стариот договор за регулирање на испустот на реката Дрим.
-Во изминатите 50 години променети се и климатските и социјалните и еколошките услови коишто се во регионот и ние треба да ги прилагодиме на новото време и секако на Европската рамковка директива за води.- рече Пановски.
Исто така, планот предвидува рамка на економскот искористување на водните ресурси, дотолку повеќе што се уште Охридското Езеро се третира како акумулација за производство на електрична енергија.
– Во рамки на проектот подготвуваме листа на мерки за намалување на влијанијата на економското искористување на водните ресурси врз Езерото. – вели Масимилијано Монети – тим лидер на италијанската Рина консалтинг, која е вклучена во изготвување на Мастер планот.
Како што истакна координаторот на проектот Димитрис Фалуцис од Грција, изработката на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро се реализира во рамите на ГЕФ Дримскиот проект финансиран од Глобалниот фонд за води и УНДП, кој ги опфаќа уште Преспанското и Скадарското Езеро.
Г.М.
















