Охридско – струшкиот регион има огромен потенцијал за развој на алтернативниот туризам. Но за да се привлечат поголем број љубители на адреналинските спортови, не се доволни само природните убавини. Неопходна е и добра организација на службите за безбедност и спасување кои се исклучително важни во туристичката понуда, велат обучени спасители.

-Вие не можете да очекувате зголемен број на авантуристи доколку немате минимум услови и стандарди за укажување помош во случај на незгода.  Сите луѓе кои се движат во природа се свесни за опасноста од незгода и дека во таква ситуација неопходно е некој да им помогне. На планина или во вода е потешко да се помогне отколку во урбана средина, а туристите очекуваат дека земјата која ја посетуваат има можност и средства да одговори во вакви ситуации. – вели Антонио Додевски од единицата за спасување на планини и непристапни терени.

 Според Додевски спасувачките служби кај нас се добро подготвени, но недоволно се координирани.

-Ние за жал мора да констатираме дека функционираме на страшно ниво на импровизација и имаме слаба комуникација помеѓу службите. За жал имаме ресурси кои стојат неискористени затоа што некој кој треба да делува не ни знае дека постојат такви ресурси, ниту го имаат вистинскиот линк или начин како тие да се активираат.-изјави Додевски.

Додевски посочува дека Македонија нема закон за спасување во непристапни терени, а постојната регулатива, според него, не соодветствува со времето.

-Моментално имаме закон за заштита и спасување кој е нефункционален и не е во тек со времето во кое живееме. Можеби пред 30-40 години таквите законски одредби функционирале, но сега имаме друг начин на организација на општеството за тој закон да функционира и да е добар. Ако сакаме да развиваме туризам наши тенденции треба да бидат светот, ако се затвориме нема да има ништо, ние ќе сме зачаурен свет кој што никој нема да сака ни експериментално да го посети, а не да доаѓаат и да конзумираат наши продукти кои треба да бидат според светски страндарди, аналогно на тоа и законите треба да бидат во согласност со тоа што го бара светот. – додаде Додевски.

Според Додевски локалната самоуправа треба многу повеќе да обрати внимание на безбедноста на туристите и да инвестираат во спасувачките служби, а државата да ја прилагоди законската регулатива која се однесува на спасување на лица во природа согласно светските стандарди.

Г.М.