Три милиони евра за вкупно 60 проекти предвидува годинашната Програма за рамномерен регионален развој. Како што одлучи Советот за рамномерен регионален развој, 19 проекти се за развој на планските региони, 18 се за развој на селата, а 23 се за развој на подрачјата со специфичини развојни потреби. Најголем дел од проектите, 48, или 75 отсто, се однесуваат на проектирање или изведување инфраструктурни зафати.
Според одлуката на Советот, за Југозападниот плански регион кој ги опфаќа и општините Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани, издвоени се 17,6 милиони денари.
– Унапредувањето на планските региони преку реализација на проекти од страна на центрите за развој и општините е одлична можност за јакнење на конкурентноста и за поголем раст на локалната економија, за создавање нови работни места, подобрување на условите за образование, поттикнување на културниот и рекреативниот дух, како и обезбедување подобар животен стандард, информираат од советот.
Во Југозападниот регион фокусот е ставен на изведувањето на енергетски ефикасни објекти.
Компонентата со која се опфатени селата брои 18 проекти, а од вкупно одвоените средства за оваа намена секој од осумте плански региони добива еднаков дел. Притоа, сите проекти се од инфраструктурна природа.
OhridNews












