Денес, на денот на Светиот маченик Трифун, кога младите се спремаат да испијат многу вино, но и на денот кој го прославуваат вљубените, Св. Валентин, Младинскиот совет – Охрид (МСО)  уште еднаш да предупредува на насилството кај младите и  ги повикува релевантните фактори да започнат поинтензивно да го актуелизираат ова прашање, како младите би знаеле да разликуваат квалитетна врска, која се темели на љубов и штетна и насилна врска.
 
Насилството во врска може да има непосредни, како и долгорочни последици за жртвата, сторителите, семејството и заедницата. Скоро секојдневно сме сведоци на случаи каде млади луѓе смртно страдаат поради заљубеност, прељуба, забранета љубов, или пак случаи на сексуално искористување на млади, па дури и малолетници во образовните институции, велат од Младинскиот совет.
   
Според пилот истражувањето на оваа организација, две третини од младите доживеале насилство во врска, при што и двајцата партнери насилно се однесувале, а исто толку млади љубомората не ја гледаат како насилство или чин кој води до тоа.
   
Сметаме дека е неопходно да се работи на превенција од насилство кај адолесценти, затоа што тој период од животот е период кога влегуваат во првите врски и многу често не го препознаваат насилното однесување и од страна на партнерите но и кон нив. Неопходно е да се работи  на препознавање и отстранување на родовите стереотипи и митовите кои го оправдуваат и поддржуваат насилството, а посебно кај жените. Доколку се земе во предвид сериозноста на проблемот, како и колку е сложен истиот, треба да се мисли на трајна посветеност и соработка на заедницата, на ангажирање на лицата кои се на високи позиции на одлучување како и на стручните лица, и вклучување на голем број на млади во разни активности, посочуваат од МСО.

Со цел да се обезбеди континуитет во работењето на овој проблем, Младински Совет Охрид, започнува со реализација на проектот „ПОВРЗАНИ – ЗА ВРСКА БЕЗ НАСИЛСТВО“. Намерата е да се поттикне примена на јавните политики кои се бават со спречување на насилството во адолесцентна врска, а посебно протоколите за семејно насилство, кое на некој начин е продолжување на насилството кое партнерите го трпат во врска, како и отстранување на родните стереотипи и преостанатите причини за родно условеното насилство.

Во склоп на проектот ќе биде спроведено истражување со цел да се идентификуваат одредени проблеми и потреби поврзани со насилството во врска кај адолесценти, по што ќе се спроведе превентивна програма во соработка со училиштата, разните институции кои го третираат проблемот на насилство, родителите и секако младите, како директна целна група. Исто така ќе се спроведуваат јавни акции, како гостувања во медиумите, со цел да се подигне свеста за постоењето на овој проблем.
Сознанијата стекнати со спроведувањето на истражувањето и реализирањето на активностите од проектот, ќе се искористат како препораки за развој на модели на добра пракса во локалната заедница, како и активности на јавно заговарање и освестување за важноста од превенцијата на насилството во партнерските врски.

Проектот ќе се одвива под мотото „МОЛЧЕЊЕТО НЕ Е ЗЛАТО“,  а ќе се реализира како дел од програмата за работа на Младинскиот Совет и Младинскиот Парламент, во приоритетот ЗДРАВСТВО И ПРЕВЕНЦИЈА.

OhridNews