Спасени девет давеници и реализирани 25 интервенции на прва помош од страна на спасителите од Центарот за безбедност на вода при Црвен крст Охрид долж Охридското крајбрежје за неполн месец од нивното ангажирање.

Оваа година, од почетокот од ангажирањето на нашиот прв спасител на 20-ти јуни, имавме околу 25 интервенции за прва помош и извлечени девет давеници. Статистиката од минатата година укажува дека сме имале 31 спасен живот на Охридското Езеро, односно 31 човек биле извлечени од водите на Охридското Езеро од страна на нашите спасители и околу 1394 интервенции на прва помош. Најчести се интервенциите како исекотини на базените и на капалиштата на Охридското Езеро, но има и посериозни како повреда на рбетен столб, скочен зглоб, надворешни и внатрешни скршеници, повреда на главата и слично, посочува спасителот Арсениј Ѓоршески.
Претседателката на Црвен крст Охрид, Весна Терзиоска, потенцира дека Центарот за безбедност на вода при Црвен крст Охрид е подготвен за туристичката сезона и располага моментално со 25 активни спасители коишто имаат меѓународна лиценца за спасување на отворени води.
Во моментов, за концесионерите коишто се обратија до Црвен крст Охрид имаме обезбедено спасители за 12 капалишта распоредени на „Куба Либре“, „Голден бич“, „Метропол“, базенот во хотел „Белви“, камп „Градиште“, како и ресторанот во Градиште, потоа Св. Наум и градскиот пливачки базен. Од 15 јули ќе имаме кај хотел „Мизо“, базенот кај „Јуник“, „Инекс“ и „Егоист“. И минатата година имавме спасители само на 12 капалишта до крајот на туристичката сезона. Се надеваме дека во следниов период и останатите концесионери ќе се обратат до нас како организација којашто може да обезбеди спасители на вода за нивните капалишта, обележани според правилникот за вид и капалишта, вели Терзиоска.
Истакнува дека покрај нивната подготвеност за интервенции и секој граѓанин треба да се грижи за својата безбедност и за сопственото здравје.
Апелираме да се пијат повеќе течности, да престојуваат под сенка, да не влегуваат да се капат доколку консумирале алкохол, да се капат на обележаните зони и таму каде што има спасители, да не пливаат без друштво и да ги почитуваат сите оние знаци и препораки, коишто нашите спасители на овие 12 капалишта каде се поставени, постојано ги прикажуваат и апелираат. Безбедноста најпрво доаѓа од сопствената одговорност, истакнува Терзиоска.

Апелирам до сите капачи, не само до тие кои не се сигурни и безбедни во вода, бидејќи како што кажале и постарите не се игра со вода, не знаеме кога и што може да ни се случи и нам. Доволно е некогаш еден грч на некој од мускулите на телото, да ја изгубиме таа храброст и да почнеме да паничиме, а токму тоа е потенцијален давеник, кога не знаеме како да се справиме со ситуацијата и кога не знаеме што всушност се случува со нас додека сме во вода. За тие кои скокаат од педалинки и кои скокаат од карпи и од места кои не се наменети за скокање во вода, секогаш спасителите ги предупредуваат, така што би апелирал сите да ги слушаат препораките на спасителите, да ги пратат знаците кои се поставени таму за нивна безбедност и секако да се капат во обележаната зона која е и наменета за капење, вели Ѓоршески.
Годинава во Центарот беа обучени нови 15 спасители по нови ILS стандарди, со нова опрема и нов начин на извлекување на давеници, како и нов начин на практично и теоретско предавање.
Сега имаме еден нов кадар кој е современо обучен, со современа опрема и знаење, така што ги имаме едни од најобучените спасители во Македонија. Можеме да покриеме вкупно 25 капалишта со целосна опрема, заштитна и опрема за спасување на давеници од вода. Во однос на опремата можеме да опремиме точно 21 спасител со целосна заштитна опрема за интервенирање од спасителен чамец за време на поплави и за време на спасување на брзи води, вклучувајќи ја и специјалната спасителна санка која ја добивме како донација од организација Флоријан годинава, и две спасителни платформи за спасување при поплави исто кои ги добивме донација од организација Флоријан, додава Ѓоршески.
Инаку, спасителите од Центарот за безбедност на вода при Црвен крст Охрид во текот на летниот период се ангажирани и на други настани како регати, маратони, триатлони, Ohrid Water Festival…
Н.С.Ј.
фото. Црвен крст Охрид














