Освен што е неопходно создавање услови за проток на вода во каналот Студенчишта, за да не продолжи поморот на плашицата, неопходно е што поскоро да се изврши и чистење на создадената дива депонија од цврст отпад во каналот, нагласува дипломираниот агроном и независен екологист, Лазо Наумоски.

Последните 30 години непосредно до каналот во Охридското Блато создадена е депонија од цврст отпад. Постои голема веројатност од понирање на штетни материи, па и тешки метали во водите на каналот, односно во местото на презимување на плашицата која со самото престојување во каналот може да прими дел од тешките метали, а човекот преку нејзино конзумирање да си предизвика здравствени проблеми, вели Наумоски. Затоа неминовно е прочистување и проширување на каналот (длабински и странично) со што во иднина повеќе не би се создавање штетни и отровни гасови, додава тој.

Како што потенцира Наумоски, водата во која доаѓа да презими охридската плашица за таа да преживее, мора да е од прва категорија, без никакво дополнително загадување, изворите кои ги напојуваат презимувалиштата да се со поголема издашност, водите кои се вливаат во каналот или реките од атмосферската канализација да не се оптеретени со див приклучок на фекална канализација, бидејќи во тој случај во местото на презимување на ципринидните риби ќе биде загадено со многу штетни и отровни гасови (амоњак) кој преставува голема опасност за угинување на Охридската Плашица. Воедно, РН вредноста на водата мора да биде од 5 до 10 со што се гарантира дека нема да има влијание врз водата за нејзино закиселување или добивање на базична реакција.

Каналот доколку се прочисти, а протокот на вода во Билјанини Извори се врати во количина од 5 метри кубни вода во секунда, постои можност за презимување на 25 до 30 тони риба во каналот, која во есен се повлекува од езерскиот дел во сливните реки на езерото бегајќи од пастрмката која ја користи плашицата во исхраната, а која при мрестот од длабочината на водата се движи кон брегот .

OhridNews