До крајот на јуни Охрид треба да блесне во ново руво. Толку време за подготовка имаат локалната и централна власт за најголемиот политички настан што некогаш се случил во земјава, Безбедносниот форум на НАТО.

Според најавите ќе се уредуваат влезовите на Охрид, ќе се средува  аеродромската зграда, како и патот од таму до хотелот Инекс каде на 28 и 29 јуни ќе се одржи НАТО форумот. Ќе се дотерува градското осветлување, ќе се пребојадисуваат оградите од улиците, ќе се дотерува сигнализацијата и ќе се уредуваат парковите. Најмногу работа ќе има на потегот од Билјанини извори до Орце Николов каде треба да се среди зеленилото кое со години е грда слика.


ќе треба ли да се преведе таблава?

Сепак најбитниот дел ќе биде изградбата на нова конгресна сала во хотелот Инекс. која ќе треба да ги задоволи високите стандарди. Ќе ја градат Владата  и сопственикот на Инекс заедно. Всушност тоа ќе биде преадаптирање на делови од постоечкиот простор во Инекс Горица.

И општината и Владата тврдат дека има доволно време Охрид да се подготви за НАТО форумиот. Премиерот Никола Груевски вчера дојде во Охрид лично да се увери до каде се подготовките околу организацијата на форумот. “Она што е во наш дел сигурно ќе помогнеме, ќе имаме големи вложувања. Се работи за исклучително важно прашање за Македонија и ние мора да се претставиме како одличен организатор“, рече Груевски.

На НАТО форумот, покрај генералниот секретар на алијансата Јап де Хоп Шефер, ќе учествуваат државници од 49 земји, поради шро се смета дека јунскиот форум всушност ќе биде тест колку Македонија е подготвена да биде дел од НАТО.

Г.Момироски