Откажување од тиранската платформа, да не се бира претседател на собранието на РМ кој не се откажал од тиранската платформа, формирање на македонска платформа, за мултиетничка и заедничка Македонија, против двојазичност и бинационална држава-ги повторија своите барања од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, чиј 20-ти протест по ред, денес се одржа во Охрид.

Како што истакна еден од иницијаторите на движењето, Богдан Илиески, интензитетот на протестите нема да се намали. Напротив, бројот на нивните подржувачи од ден на ден е се поголем.   

– Движењето се зголемува. Вчера се одржаа протести на повеќе од 40 локации со повеќе од 140.000 граѓани со подршка на нашата иницијатива. Очекуваме од понеделник тој број да се зголеми, изјави Илиески.

На протестот што денес се одржа на бродови и чамци кои пловеа по Охридското езеро, се обрати и директорот на охридскиот Народен театар, Горан Стојаноски, кој повтори дека платформата треба да е изгласана од страна на народот.

– Нема никаква дилема, се ова мора да продолжи и ќе продолжи. Таа платформа треба да ја изгласа народот. Оваа која е дадена од после, според сите критериуми за фер игра кон народот, не важи, рече Стојаноски.

Елена Мисиркова, пијанист и културен амбасадор на РМ во Австрија, истакна дека основната порака е да нема мешање на надворешните фактори во внатрешните работи на земјата.

– И денес го славиме заедништвото на македонскиот народ, помагаме да се зајакне духот за зачувување на суверинитетот на нашата држава. Основната порака е не мешање на надворешен и внатрешен фактор во внатрешните работи на РМ. Ние решаваме, нашиот народ, што ќе се случи во нашата земја, порача Мисиркова.

Протестите продолжуваат се додека не се исполнат барањата, порачаа од движењето „За заедничка Македонија“.