Членовите на КУД „Ѓердан“ од Охрид вчера се вратија од турнејата низ Италија, каде изминатите десетина дена учествуваа на три меѓународни фолклорни фестивали во провинцијата Тоскана.


Играорците на „Ѓердан“ настапија на 9-та по ред Фолкорна смотра „Фолкапуаниа” во Маса, 37-от Меѓународен фоклорен фестивал во Кампорџано и на третиот Меѓународен фестивал на фолкорот во Пистоиа, успешно презентирајќи го македонскиот фоклор, за што добија посебни признанија од организаторите.


Поради атрактивноста на игрите, сложеноста на ритмовите, како и богатиот колорит на носиите што го прават македонскиот фолкор особено интересен за публиката, настапите на КУД „Ѓердан“ оставаат силен впечаток, за што редовно добиваат особено внимание кај организаторите на фестивалите и поголема поголема минутажа за претставување.


Благодарение на успешното претставување на охридските играорци, Културно-уметничкото друштво доби покана и наредната година да гостува во Италија, односно да биде дел од програмата на други познати меѓународни фоклорни фестивали и манифестации.


КУД „Ѓердан“ е најстарото фоклорно друштво во Охрид, формирано во далечната 1968 година. Во своето 45-годишно постоење има остварено повеќе од 70 турнеи низ цела Европа, со настапи на голем број меѓународни фоклорни фестивали.

Патувањето во Италија е реализирано со поддршка на Локалната самоуправа.

OhridNews