Припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Србија, од денес, 7 јули, до 31 август 2026 година ќе работат заедно со своите колеги од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во Охрид, информираат од српското министерство.
Врз основа на потпишаниот Протокол за соработка во текот на туристичката сезона и оваа година, униформираните полицајци и еден крим-полицаец од Министерството за внатрешни работи на Република Србија ќе работат заедно со своите колеги од Северна Македонија, соопшти Министерството.
Српските државјани, посочуваат од Министерството, кои престојуваат во Охрид во текот на наведениот период можат да се обратат до полицијата за информации и помош на следните телефонски броеви: униформирани полицајци – 064/892-7140, 064/892-1348 или 064/892-6876, како и крим-полицаец на 064/892-2801.
Од СВР Охрид посочуваат дека денес бил одржан работен состанок со полициски службеници од Министерството за внатрешни работи на Република Србија кои од утре, се до 31 август, заедно со полициски службеници од македонското министерство за внатрешни работи, ќе спроведуваат заеднички полициски патроли низ Охрид.
Нивниот работен ангажман ќе се реализира врз основа на потпишан Протокол за соработка за време на туристичката сезона во Охрид по што од утре, и официјално ќе отпочне функционирањето на заедничките полициски патроли. Заедничките мешовити патроли ќе придонесат за зголемена безбедност на граѓаните како и на српските туристи кои во голем број ги поминуваат своите годишни одмори во Охрид. Во текот на патролите, српските полицајци ќе постапуваат во согласност со националното законодавство на РСМ, нема да носат оружје и ќе даваат поддршка на македонските полициски службеници, велат од СВР Охрид.
Српските полицајци, додаваат од СВР Охрид, пред утрешното официјалното отпочнување со работа, беа информирани со одредбите од македонските закони за внатрешни работи и за полиција.
Н.С.Ј.














