Премиерот Зоран Заев во изјава за новинарите денеска во Струга не откри дали предлогот за кој вели дека може да доведе до трајно решение во спорот за името со Грција е Илинденска Македонија како што се шпекулира во јавноста, посочувајќи дека тој предлог излегол од медиумите.

– Многу опции се разгледуваа, една од опциите може да биде крај на процесот, со комплетно решение кое никогаш повеќе нема да отвора  такви проблематики помеѓу две соседни држави како Република Македонија и Република Грција. – рече Заев.

Тој најави дека за утре во 13 часот свикал лидерска средба во Клубот на пратениците, на која ќе ги информира лидерите на партиите за деталите од средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

– Би сакал да се запази редот да се информираат деталите, прво да ги соопштам на претседателот на државата, на лидерот на опозицијата, на лидерот на најголемата албанска партија, претседателот на Собранието. Тоа е редот, за да имаме шанса да изградиме национален консензус по вака важно прашање. Веднаш по состанокот ќе дадеме изјава и сето ќе го споделиме со јавноста. – истакна Заев.

Премиерот рече дека на вечерата со лидерите на парламентарните партии што ќе се одржи вечерва во Охрид нема да се разговара за преговорите околу спорот за името.

Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерите Бујар Османи и Кочо Анѓушев во Струга учествува на трибината „Млади МкУе можности без граници.

Г.М.