Ова лето, претседателот, замениците на претседателот и министрите во Владата на Република Македонија годишните одмори главно ќе ги поминат во државата и земјите од соседството, информираат од владата.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, од годишниот одмор ќе искористи неколку денови во следниот период, и ќе го помине со семејството во Охрид.  Заменик претседателот на Владата на РМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски замина на годишен одмор во Црна Гора. Заменик претседателка на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска ќе биде 7 дена на одмор во Грција со семејството. Д-р Кочо Анѓушев, Заменик претседателот на Владата на РМ, задолжен за економските ресори, дел од својот годишен одмор ќе го искористи со своето семејство во Грција.

Во извештајот на владата стои и дека министерот за финансии Драган Тевдовски ќе биде на одмор 10 дена со сопругата и децата во Грција, а министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, со семејството ќе престојува во Грција во наредните десетина дена. Горан Сугарески, министерот за транспорт и врски годишниот одмор ќе го помине со семејството во една од туристичките дестинации во Грција.

Министерот за економија Крешник Бектеши ќе биде на одмор до 12 август со сопругата и децата во Струга, а министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ќе летува во Турција. Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски нема да користи годишен одмор, туку ќе оди на продолжени викенди во Грција и во Охрид со семејството.

Министерот Едмонд Адеми задолжен за дијаспора, од 3 август, ќе оди на одмор една седмица во Грција со семејството, додека пак министерот без ресор Зоран Шапуриќ, својот годишен одмор ќе го користи до 10-ти август, заедно со сопругата во Италија. Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил е со семејството на одмор во Турција. Асаф Адеми, министерот за култура, исто заминува на одмор со семејството во Турција.

Министерот за здравство Венко Филипче до 13 август ќе оди на одмор со семејството во Охрид, а можно е да искористат и неколку од деновите за кратко патување до Грција.