По одложувањето на седницата за уставни промени во 15 часот, јасно е дека премиерот Заев сè уште не успеал да го обезбеди потребното 2/3 мнозинство. Од Собранието не образложија зошто седницата се одлага. Но, според извори на „Макфакс“, сè уште спорат осумте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои не се согласуваат со барањата на Беса на Касами. Инаку, Заев од утринава имал две координативни средби со нив, но засега нема информации за исходот од нив. До почетокот на седницата Зоран Заев ќе одржи нова средба со Биљал Касами, по неуспешните преговори од денешната средба на пладне.

Според собраниски избори, Касами не отстапувал од барањето за државјанство да биде вметнато во уставните измени. Неизвесно е дали Касами ќе попушти и како ќе се испеглаат ставовите, затоа што ако не се најде компромис, неизвесен ќе биде гласот на одметнатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

75-тата собраниска седница на чии денвен ред се четирите амандмани и нивна дискусија, наместо во 13 часот, ќе почне во 15 часот.

Утринава Заев изјави дека не ја знае бројката на пратеници кои би гласале за промените во Уставот. Според него, барањата на Беса за вметнување на другите народи во преамбулата на Уставот се принципиелни. Заев посочи дека ако нема 80 пратеници, ќе свика состанок на Централниот одбор на СДСМ, а таму некој ќе треба да сносни одговорност.

На прашањето дали осумте пратеници го поддржуваат барањето на Беса, премиерот Заев не одговори конкретно. Во однос на изјавата од Касами дека ако Владата не ги прифати барањата на Беса, нивните двајца пратеници нема да гласаат за уставни промени, Заев вели дека е оптимист за изнаоѓање решение.

OhridNews

Макфакс