Парите и униформите на полицијата и војската, се употребуваат на целата територија на Македонија и е спротивно на Уставот да се додава втор јазик на нив, појасни лидерот на СДСМ, денес во своето јавно обраќање на кое ја објави новата владина програма, без да го добие официјално мандатот од Претседателот Ѓорге Иванов, по предвремените парламентарни избори на 11 декември. Тој воедно го повика Претседателот Иванов да констатира дека СДСМ има владина програма. Рече дека следната недела ќе седнат со партиите кои му ги дадоа потписите нему, да се договорат за свикување Собрание и избор на претседател на Собранието.

Заев порача дека сега нема повеќе платформи, туку единствена владина програма. Во програмата, која ја најави како програма која ќе донесе подобар живот за македонските граѓани, Заев објасни и како ќе се овозможи унапредување на употребата на јазиците во Македонија, прашање што силно ја разбранува јавноста во државата изминатиов период, кога се стравуваше од тоа дека албанскиот јазик ќе стане втор официјален јазик и државата ќе стане бинационална. „Ако некој граѓанин има право да го зборува својот мајчин јазик, тоа не значи дека некој друг губи. Напротив, добива Македонија“, рече Заев.

Тој појасни дека граѓаните Албанци во Македонија ќе можат во институците да се обраќаат и да поднесуваат барања на својот мајчин јазик. Заев рече дека не само Албанците туку и другите малцинства во земјата, Срби, Бошњаци, Роми, Власи, ако се 20 отсто во општината каде живеат ќе можат да се обратат до институциите на својот мајчин јазик.

Тој рече дека е лага дека сите во училиштата ќе мора да го учат албанскиот јазик. Потенцира дека Уставот на никој начин нема да биде погазен со овозможувањето на употреба на јазиците во Македонија.

OhridNews

извор Макфакс