Во Владата на Република Македонија денеска се одржа заедничка прес-конференција на којашто Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов ги презентираа плановите за изградба на модерна патна инфраструктура за 2019 низ целата територија на Република Македонија.

„Со почетокот на градежната сезона започнуваме со забрзана изградба и рехабилитација на најголем дел од патната мрежа во Република Македонија во вкупна вредност од 1 милијарда и 270 милиони евра. Станува збор за големи инвестиции во изградбата на нови патишта како и реконструкција на постоечките во вкупна должина од преку 770 километри. Оваа година започнуваме со реализација на нови проекти за изградба, рехабилитација и реконструкција на 43 патни правци, а засилено ќе продолжиме со изградба и реконструкција на веќе започнатите 27 патни правци. Продолжуваме да ја градиме Република Македонија и да ги поврзуваме граѓаните со квалитетни, сигурни и безбедни патишта“ соопшти премиерот Заев во своето обраќање и додаде дека добрата и безбедна патна инфраструктура е главен предуслов за привлекување домашни и странски инвестиции и за локален економски развој.

„Автопатот Кичево-Охрид во должина од околу 60 км продолжува да се гради. Надминати се проблемите, се потпиша нов анекс на договорот со кој се заштедија 90 милиони евра и градежните работи продолжуваат до конечна реализација. Го поврзуваме Охрид како наша стратешка туристичка дестинација со Кичево и остатокот од Македонија. Ова е важно бидејќи ќе се обезбедат услови за унапредување на туризмот, за зголемување на трговската размена во овој регион којашто ќе придонесе и за рамномерен економски развој. Минатата година ја достигнавме бројката од 1 милион туристи. Овој автопат, и останатите кои ги поврзуваат нашите туристички центри се нашата инвестиција за уште поголем број туристи и економски раст“, рече премиерот Заев и надополни дека придобивки ќе почувствуваат 225 илјади жители и 13 општини од југозападниот дел на Република Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање потсети дека 2019 е најавена како економска година и дополни дека изградбата и рехабилитацијата на патиштата во земјата е една од активностите потребни да се реализираат, за да се постигне економски раст. Тој потенцираше дека очекува по започнување на градежната сезона да нема ниту една слободна градежна машина во Република Македонија, а земјата да биде едно големо градилиште.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески зборуваше подетално за плановите за изградба и рехабилитација на патишта во 2019 и во тој правец истакна дека ќе се вложат средства од над 1 милијарда и 200 милиони евра за изградба на патна инфраструктура во должина од над 700 км.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов даде осврт на плановите и програмите што ги спроведува ова претпријатие и рече дека ЈПДП има спроведено тендерски постапки за рехабилитација на 39 патни правци кои веднаш во првиот квартал штом дозволат временските услови ќе отпочнат да се градат.

„Во 2019 се продолжува со изградбата на автопатиштата и експресните патишта со вкупна должина од 144 км и вкупна вредност од 770 милиони евра“, соопшти директорот Китанов и информираше дека преку Македонија пат се рехабилитираат уште 41 патен правец со вкупна должина од 93 км во износ од 9 милиони евра.

OhridNews