Законот за употреба на јазиците кој беше донесен вчера е сериозен придонес во градењето на концептот „Едно општество за сите граѓани“. Оваа наша, и европска вредност, ја доби поддршката од мнозинството граѓани на последните парламентарни избори, но и на локалните избори, вели во денешното обраќање до јавноста премиерот Зоран Заев.

Заев додава дека определбата е за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.

– Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години. Никој не е, и не може да биде над Уставот. Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите. Непречената комуникација на граѓаните е цивилизациска придобивка. Истовремено, овој закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик, вели Заев во своето обраќање.

Според премиерот, време е да се отфрлат политиките на поделби, раздор и конфликт, кои се во спротивност со нашите и европските вредности. „Наша должност и одговорност треба да бидат интересите на сите граѓани без исклучок. Нема разумно оправдување во блокадата на политичките процеси и на политичките институции како што е Собранието. Наместо тоа, време е сите ние, политичарите, да ја преземеме одговорноста што им ја ветивме на граѓаните и да ги заокружиме реформските процеси во Република Македонија. Време е за реформи и за економија, време е за развој на Македонија, во интерес на сите граѓани“, вели Заев.

OhridNews