За време на денешната средба на премиерот Зоран Заев и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, било констатирано дека оваа посета на владината делегација од Република Македонија на највисоко ниво, со колегите од БИХ, е почеток на најавената интензивна соработка меѓу двете земји, како и во духот на развојот на регионалната соработка, потребна за евро-атлантските интеграции на двете земји.

Република Македонија и Босна и Херцеговина денеска на дело ја реализираат преземената обврска за развој на регионална соработка пред Европската унија“ рече премиерот Заев. На средбата е констатирано дека двете земји немаат сензитивни прашања за решавање и дека односите меѓу двете земји имаат отворен пат за добра иднина преку изразената политичка волја за унапредување на соработката.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од владина делегација во состав Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Крешник Бектеши, министер за економија, Роберт Алаѓозовски, министер за култура, Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспората, е во прва официјална работна посета на Босна и Херцеговина.

Премиерот Заев и претседавачот со Советот на министри Звиздиќ оценија дека мултикултурализмот во Република Македонија и во БиХ се покажаа како предност, затоа што и самата Европска унија е семејство на различности кои заедно се развиваат и ги решаваат отворените прашања во граѓански интерес.

На средбата е потенцирано дека и Република Македонија и БИХ имаат добра меѓународна соработка и исти стратешки цели, членство во ЕУ и НАТО. Во таа насока изразена е подготвеност двете пријателски држави да се фокусираат кон агендите во своите држави и на ниво на регионот, со што ќе потврдат дека Западен Балкан е веќе дел од ЕУ.