На Локалните избори закажани за 17 октомври 2021 ќе може да гласаат 1 824 864 граѓани. Избирачкиот список беше затворен на синоќешната седница на Државната изборна комисија (ДИК) согласно роковникот, член 52 од Изборниот законик и промените и ажурирањето што произлегоа од јавниот увид во податоците на списокот. Најдоцна на 1 октомври односно 15 дена пред денот на одржувањето на изборите, ДИК треба да го потпише заклучениот Избирачки список и изводите од него.

Како што беше соопштено на 27-та седница на ДИК, од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1 740 147. Во Посебните извори од Избирачкиот список се запишани 82 461 лица кои се на привремена работа или престој во странство, согласно евиденцијата на надлежниот орган, 1899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор: 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

Изборната кампања ќе почне во понеделник (27 септември) односно 20 дена пред денот на изборите и треба да заврши на 15 октомври на полноќ. Вториот круг избори ќе се одржат на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 24 часот на 29 октомври.

На Локалните избори 2021 првпат ќе бидат применети терминали за читање отпечатоци од прсти на гласачите за да се утврди нивниот идентитет и за да се избегнат евентуални неправилности при гласањето. Тие во државава треба да стигнат најдоцна до 1 октомври согласно договорот со германската компанија „Дермалог“.

OhridNews