Еколошката свест кај поединци и натаму е на исклучително ниско ниво, Законот за јавна чистота не се почитува, а инспекцијата затајува, сметаат во јавното комунално претпријатие, според кое, тоа се причините што во екот на туристичката сезона во Охрид можат да се забележат диви депонии кои оставаат негативен впечаток кај туристите.
-Во текот на летнава сезона нашите служби максимално се ангажирани во одржувањето на јавната хигиена  и јавното зеленило, како во централното градско подрачје, така и во периферните делови, со ставање посебен акцент на туристичките населби. Но загрижува фактот што кај поединци еколошкиот  степен на развиеност е на најниско ниво и отпатод се расфрла каде ќе се стигне. Воопшто не се почитува Законот за јавна чистота, а недостасуваат и ригорозните казни на инспекциските служби и надлежните органи, велат од „Комуналец“.
Оттаму посочуваат дека во туристичките населби и плажите кои не се дадени под концесија посебен проблем претставуваат таканаречените еднодневни туристи кои целиот отпад го оставаат зад себе. 
-Крајно време е да проработи еколошката свест кај граѓаните  зошто негативниот впечаток кој го оставаат кај многубројните туристи,  не може да се поправи, апелираат од „Комуналец“.
OhridNews