Претседателот на Собранието Талат Џафери, за денес напладне го закажа продолжението на 32-та седница на која на дневен ред е Законот за употреба на јазиците, за кој пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа 35.000 амандмани. ВМРО-ДПМНЕ поднесе 35.000 амандмани кои, како што велат од партијата, имаат за цел усогласување на Законот со Уставот на Република Македонија, а не  блокирање на работата на Собранието.

Според процедурата, подносителот за секој амандман има право на три минути или за сите амандмани 105.000 минути. Оптимистичката математика може да се исполни доколку во еден час се образложат 20 амандмани или 240 на ден. Според оваа математика, тоа би биле 1.680 неделно, но под услов да нема ниту мала пауза помеѓу амандманите, и ако се работи 12 часа на ден, односно непрекинато седум дена во неделата. Но и ова е под услов Собранието да не расправа целиот овој период за ниту една друга точка и да нема слободни викенди.

Не е познато, дали амандманите ќе бидат разгледувани на денешната седница или пак, мнозинството ќе гласа без усвојување на амандманите. Претседателот Џафери не ја исклучи можноста законот да биде изгласан без усвојување на амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ

Денес на дневен ред се и измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини и на Законот за земјоделско земјиште. Пратениците ќе гласаат и за измените на законите за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица и на пратеници, со кои се намалува надоместокот за патни трошоци на пратениците и други именувани избрани лица. На дневен ред е и гласањето за финансиски планови за 2018, предлог-одлуки и годишни извештаи. За утре е закажано и продолжението на 11. седница која има заостанато една точка на дневниот ред и тоа измени на Законот за заштита од пушење.