Закупците на плажите мора да ги подмират своите обврски од договорот за концесионирање до крајот на оваа недела,  информираат од Министерството за транспорт и врски.

-Закупците ја прифатиле цената на годишната закупнина и истата мора да се плати. – вели министерот за транспорт Миле Јанакиески. Тој деновиве во Охрид оствари средба со дел од закупците на плажите кои се жалат дека надојденото езеро уништило делови од уредените плажи, за што тие бараа да бидат обесштетени или да им се намали закупнината.

Министерот Јанакиески најави дека во текот на оваа недела ќе биде извршена контрола на плажите во Охрид и Струга и доколку бидат утврдени одредени недостатоци на концесионерите ќе им биде даден краток рок од 3-5 дена да ги отстранат истите.

Во врска со издавањето под закуп на Градската плажа во Струга, министерот Јанакиески ги отфрли гласините дека тоа се врши по етнички клуч,  напоменувајќи дека со атрактивната плажа во центарот на градот ќе стопанисува оној што ќе понуди најдобри услови на јавното наддавање што ќе се одржи оваа недела во Министертвото за транспорт и врски.

OhridNews