Незавршен студент и посвоено дете, човекот кој го смени светот на технологијата во 1970-те години и повторно во 2000-те години ги измисли компјутерите, мобилните телефони и начинот на слушање на музика, коосновачот на една од најмоќните компјутерски компании во светот, Apple, Стив Џобс, почина вчера на 56-годишна возраст. Apple изгуби лидер-визионер, кој беше инспирација за создавањето на персоналните компјутери и иконските производи како што се iPod, iPhone и iPad, што го издигна Џобс на пиедесталот на најзначаен лидер на индустријата на неговата генерација.

Стив Џобс умрел тивко, опкружен со својата сопруга и потесното семејство во неговата куќа во Пало Алто во Калифорнија.

Неговата смрт, по седум годишната борба со редок вид рак на панкреасот, покрена лавина од последни поздрави кои ги обединија светските лидери, деловните ривали и обичните луѓе во жалењето по неговата прерана смрт и во прославата на неговите монументални постигнувања.

„Светот изгуби визионер. И можеби не постои поголема почит кон успехот на Стив од фактот дека најголемиот дел од светот дозна за неговата смрт на направата која тој ја измисли,“ вели американскиот претседател Барак Обама во својата изјава.

Неговите обожователи му ја дадоа последната почит пред продавниците на Apple ширум светот. Пред една од тие продавници во Њујорк, натажените оставиле свеќи, букети цвеќе, но и едно јаболко (Apple – јаболко) и еден iPod Touch.

Во Сан Франциско корисниците на производите кои тој ги измисли масовно ставија негова црно-бела фотографија на екраните на своите технолошки миленичиња. Во Токио се одржаа бдеење на зајдисонце, со апликации на свеќи кои треперат на своите телефони и помагала. Огромен број на интернет страници, вклучувајќи и таа на Apple (која е целата претворена во црно-бела фотографија со краток напис: Стив Џобс, 1955 – 2011) се претворија во он-лајн меморијали. Пребарувачот Google на својата главна страница додаде и посебен линк кон страницата на Apple.

„За оние од нас кои ја имаа среќата да работат со него, тоа беше ненормално голема чест“, изјави коосновачот на Microsoft Бил Гејтс, кој во еден период триумфираше над Џобс, но во последните години беше повторно ставен во сенка од неговиот легендарен деловен ривал.

Џобс даде оставка на местото Извршен директор на Apple во август годинава и уздите му ги предаде на долгогодишниот оперативен директор Тим Кук. Сo страст за минималистички дизајн и гениј за маркетинг, Џобс ги постави темелите врз кои неговата компанија ќе може да продолжи да се развива и по неговата смрт.

Но, според многумина аналитичари, Apple сега се соочува со огромни предизвици, а повеќе не со нив нивниот долгогодишен шеф, кој беше и главен дизајнер на производите, маркетинг гуру и трговец на кој му немаше рамен. Сега телефоните кои го користат Android софтверот на Google се повеќе го преземаат пазарот, а никој не знае, ниту кажува каква голема идеја се подготвува да излезе од производните линии на Apple.

Легендарен претприемач

Џобс беше посвоено дете, а и се откажа од студирање, но од корен го смени светот на технологијата со создавањето на првиот персонален компјутер кон крајот на 1970-те години, Apple II, кој привлече огромен број на приврзаници. Тој повторно постигна огромен успех во 1984 година со Macintosh, изграден врз најновите технологии развиени од компанијата Xerox Parc и од други компании, со што го промовираше персоналното користење на компјутерите какво што го гледаме денеска.

Бунтовничката жичка, која беше негова главна карактерна особина, го доведе до тоа да биде избркан од сопствената компанија во 1985 година, но се врати – по многу долго убедување – во 1997 година и по неколку години на светот му ја претстави „тројката“ производи – iPod, iPhone и iPad – кои повторно предизвикаа револуција во областа на информатичката технологија.

Дијагнозата на редок вид на рак на панкреасот во 2004 година само накратко го подзастана Џобс, но тој продолжи со истиот елан, тврдејќи дека тој вид на рак се лечи. Но, неговото здравје бргу се влошуваше во годините кои следеа и по две подолги отсуства од работа, тој во август си поднесе конечна оставка на својата функција.

Неговата здравствена состојба беше контроверза повеќе години. Исклучително приватен човек, тој својата вистинска состојба ја криел дури и од неговите најблиски соработници во компанијата.

Неговата смрт дојде на само еден ден откако неговата замена Тим Кук на гала презентација (маркетиншки трик промовиран повторно од Стив Џобс) го претстави новиот iPhone 4c, кој доби многу млаки критики, особено поради тоа што не претставува технолошки скок каков што јавноста се навикна да очекува од Apple.

Џобс, со неговиот карактеристичен стил на облекување, фармерки и црна ролка, беше срцето и душата на компанијата, која се бори со Exxon Mobil за местото највредна компанија во САД. Според специјализираниот магазин Forbes, нето богатството на Џобс изнесува седум милијарди долари. Не се знае како ќе биде поделен неговиот имот.

Стив Џобс е роден во Сан Франциско, а компанијата Apple ја покрена во 1976 година со својот другар Стив Вознијак во гаражата на своите родители.

Покрај величенствените пронајдоци, Стив Џобс во јавноста ќе остане запаметен и по својот говор во 2005 година на Универзитетот Станфорд, во кој тој истакна дека неговото соочување со сопствената смртност било главен двигател на неговата визија.

„Сфаќајќи дека наскоро ќе бидам мртов е најважното орудие ко еми помогна да ги донесам големите одлуки во мојот живот. Затоа што речиси се – сите надворешни очекувања, сета гордост, сиот страв од посрамување или неуспех – сите овие нешта едноставно исчезнуваат кога сте соочени со смртта, оставајќи го само она што е навистина битно. Сфаќањето дека ќе умрете е најдобриот начин што го знам за да се одбегне замката на мислењето дека имате многу да загубите. Веќе сте соголени. Повеќе не постои причина  да не си го следите срцето“, рече во својот легендарен говор  Стив Џобс.

OhridNews
извор: „Макфакс“