Во 78-та година од животот, во Охрид, денеска почина Љубомир Чаулев, поранешен член на Советот на општина Охрид, поранешен претседател на огранокот на Социјалистичката партија во Охрид и општественик.

Како член на Советот на Град Охрид, Чаулев даде голем придонес во демократските процеси и јавните дебати за прашања од исклучително значење за охриѓани. Голем белег остави и во професионалната кариера која ја заврши во охридски Водовод, каде извршуваше раководни функции.

Сочувство по повод смртта на Чаулев изразија градоначалникот на Охрид, партиите и колегите советници.

 

Изразувам искрено жалење за смртта на Љупчо Чаулев, поранешен советник во Советот на Општина Охрид, поранешен претседател на општинската организација на Социјалистичката партија и долгогодишен вршител на повеќе значајни општествени функции во градот. Преку посветен ангажман во текот на својот живот и работен век Чаулев има дадено значителен придонес во локалниот развој на Охрид. Упатувам сочувство до неговата фамилија и неговите пријатели. Нека почива во мир.

Константин Георгиески – Градоначалник на Охрид

Љубомир Чаулев ќе остане запаметен како еден од најпознатите општествени работници давајќи голем придонес за развојот на Охрид. Беше наш соработник и коалиционен партнер со Социјалистичката партија со кој имавме конструктивна соработка. Охриѓани денеска изгубија добар пријател и голем човек.

ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид

Љубомир Чаулев ќе биде погребан утре на Градските гробишта во Охрид во кругот на семејството.

OhridNews