Охрид се збогува од Љупчо Поповски, виртуозот на гитара, без кого некогаш не можеа да се замислат настапите на најдобрите пејачи и оркестри за народна и забавна музика на просторите на поранешна Југославија. Тој почина на 7 октомври во 76 година од животот.

Љупчо Поповски 1942 – 2018

Поповски остави силен белег на естрадата во поранешната држава, а подоцна и во Македонија и неговиот Охрид, во времињата во кои само вистински најдобрите и најквалитетните можеa да настапуваат на музичката сцена и култните места каде се создаваше таа. За тоа најдобро сведочат дел од неговите снимени музички настапи кои се дигитализирани, кои денес будат емоции и спомени за едни убави времиња и луѓето кои повеќе не се помеѓу нас.

Љупчо Поповски е роден во 1942 во Охрид. Гитара почнал да свири во Пионерскиот дом во Охрид. Негов прв музички учител бил Сотир Sингал, познат од ансамблот „Билјана”, а продолжил сам да се усовршува и да свири во музички групи. Во шеесеттите години заминал на студии на машински факултет во Белград. Паралелно со студиите почнува да свири во разни музички состави, што постепено преминува во негова професија, дури и формално е регистриран како естраден уметник.

Во почетокот Поповски свири забавна музика и џез. На сликата подолу е со „Диксиленд бенд“ од Охрид, во следниот состав: Љупчо Поповски (гитара), Илија Пејовски (тромбон), Јордан Трендафилов-Нанче (труба), Стефан Автовски (клавир), Димитар Орачев (кларинет), Селман Пател (бас) и Миле Лештар (тапани).

Во средината на шеесеттите години во Белград,  Поповски добива лиценца за џез музичар, за што полагал испит кај славниот џез трубач Душко Гојковиќ.

Членска карта на Поповски од Здружението на џез музичари во Белград

Во тој период почнува паралелно да свири и како член на оркестри за народна и забавна музика. Повикот за својот прв поголем концерт го добива од Предраг Гојковиќ-Цуне, а во тој период почнува да соработува и со Предраг Живковиќ – Тозовац. Во наредниот период развива соработка и со други музичари од тоа време, како Тома Здравковиќ, Силвана Арменулиќ, Драган Стојниќ и Боки Милошевиќ, Лепа Лукиќ, Мики Јевремовиќ, Мухарем Сербезовски, Сафет Исовиќ, Уснија Реџепова, Неџат Салковиќ, Беба Селимовиќ, Бора Спужиќ – Квака, Хашим Хучук – Хоки, Нада Мамула, Ксенија Цицвариќ, Изворинка Милошевиќ, како и многу други. За одбележување е неговата соработка со Недељко и Душица Билкиќ, со кои останаа пријатели до крај на животот.

Драган Стојниќ (вокал), Боки Милошевиќ (кларинет) и Љупчо Поповски (гитара)

Интересно е дека Силвана Арменулиќ го поканила да свири гитара на снимањето на легендарната песна “Шта ќе ми живот”, но заради презафатеност со концерти не успеал да стигне.

Во доцните шеесетти години Поповски интензивно настапува во тогашна Југославија и странство, најпрвин како член на групата на Жарко Јосиповиќ-Шкула, а потоа и на оркестарот на Радојка и Тине Живковиќ. Интересен факт е дека со овие оркестри свиреле неколку пати на родендени и аранжмани за Јосип Броз – Тито.

Оркестарот на Жарко Јосиповиќ-Шкула

Со оркестарот на Радојка и Тине Живковиќ

Според неговото сеќавање, учествувал на снимањето на преку 60 албуми, од кои неколку постигнале и златен тираж.

 Албум со оркестарот на Радојка и Тине Живковиќ

Во 1973 добива покана да биде постојан член на групата на Силвана Арменулиќ, но одлучува да се врати во Охрид каде ја заменува музичката со кариера како дипломиран машински инженер. Сепак, продолжува да биде музички активен и по враќањето во Македонија. Една од позабележителните активности беше членството во оркестарот на Виолета Томовска и Кочо Петровски во 80тите години.

Љупчо Поповски ќе биде запамтен како исклучителен музички талент, со широко познавање на музиката од џез преку популарна до фолк музика. Еден од омилените ликови меѓу охридските музичари. Тие кои имале можност да соработуваат и учат од него, со голем респект раскажуваат за незаборавните настапи со Ѓаконче, како што го нарекуваа. До крај на својот живот беше музички активен, динамичен, енергичен,  свиреше, но и подучуваше млади деца да свират гитара. Остави силна и неизбришлива трага во музичкиот еснаф и животот во Охрид. Звуците од неговата гитара сега треперат помеѓу ѕвездите, таму каде што одат само најдобрите.

Збогум маестро.

Г.Момироски
Редакцијата на OhridNews изразува голема благодарност до семејството на Љупчо Поповски за отстапениот архивски материјал и помошта при подготовката на овој текст.