По зголемениот интерес во јавноста во врска со фактурите кои ЗАМП Скопје ги има доставено до сопствениците на апартмани организацијата излезе со официјално појаснување.

​Од ЗАМП нагласуваат дека како организација за колективно управување со авторските музички дела, тие вршат прибирање на надоместоците согласно Законот за авторското право и сродните права, како и сопствениот Правилник со тарифа. Според законот, субјектите кои обавуваат дејност на сместување и располагаат со сместувачки капацитети се должни да плаќаат надоместок за користење на авторски дела.

​Правилникот со тарифа, каде што детално е образложен начинот на утврдување на висината на надоместокот, е објавен во „Службен весник“ (бр. 153 од 30.10.2017 година), како и на официјалната веб-страница на ЗАМП Скопје во делот за законска регулатива.

Фактурите на сопствениците на апартмани се издадени согласно став 1 и став 3 од тарифниот број 5 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела. Според ставот 1 за користење на музички дела во пансиони, хотелски соби, апартмани, хотелски населби, апартмански населби и сл. сместувачки капацитети, по пат на радио апарати, интерна телевизија од затворен тип или било која друга телевизиска или кабелска мрежа месечниот надомест изнесува 5 бода по реализирано ноќевање, посочуваат од ЗАМП.

Додаваат дека според ставот 3 корисникот е должен да доставува до 15-ти во месецот за претходниот месец, извештај за бројот на реализирани ноќевања согласно точка 1 од овој тарифен број.

Во случај кога корисникот нема да достави извештај во предвидениот рок кој треба да е идентичен со доставениот извештај до надлежен орган (Министерство за внатрешни работи на РМ и Локалната самоуправа) месечниот авторски надоместок ќе се пресметува во зависност од капацитетот на објектот и тоа до 25 гости 500 бода, од 26 до 50 гости 1.000 бода, од 51 до 75 гости 1.700 бода, од 76 до 100 гости 2.500 бода, од 101 до 500 гости 3.600 бода и повеќе од 500 гости 6.000 бода, појаснуваат од ЗАМП.

OhridNews