Започна асфалтирањето на патниот правец Струга–Мороишта (Источен колектор) кое ќе се одвива во две фази. Првата фаза ќе се изведува од кружниот тек кај „Фони“ до детската градинка, додека втората фаза, до Туристичката улица, ќе започне веднаш по завршувањето на првата, во рамките на истиот тендерски договор.

Проектот, изработен од архитектите на Општина Струга, претставува современо сообраќајно решение кое ќе овозможи побезбедно и побрзо движење, но и ќе отвори нови можности за урбан и економски развој на овој дел од градот. Голема благодарност до сите граѓани кои постигнаа договор со Општината и без никакви пречки ги отстапија своите земјишта за реализација на овој значаен проект. Во моментов водиме разговори и со останатите сопственици за втората фаза, со цел процедурите да завршат што е можно побрзо и проектот да продолжи без застој, истакна Ќура.

За реализација на проектот, Министерството за транспорт обезбеди 2,2 милиони евра. Покрај средствата од Министерството, Општина Струга учествува како кофинансиер на проектот. Од општинскиот буџет се инвестираат 9 милиони денари за реконструкција на водоводната мрежа и замена на азбестните цевки, 10 милиони денари за изградба на атмосферска канализација, како и дополнителни средства за поставување на ново јавно осветлување.
OhridNews









