Денес, по четврти пат беше отворен Велигденскиот саем во Охрид на кој можат да се видат бројни рачно изработени велигденски украси од учениците во основните и средни училишта, колачи, украсни предмети. Се продаваат по симболична цена за хумани цели-собраните средтва ќе бидат донирани за социјално-загрозените семејства.

– Саемот првенствено има хуманитераен карактер како што налага и духот за самиот празник. Да се солидаризираме со нашите сограѓани и да ги изразиме нашите хумани и етички вредности кои заедницата отсекогаш ги имала и давала рака на сите на кои помошта им е најпотребна, истакна градоначалникот Никола Бакрачески.

Од организирањето на саемот задоволни и учесниците кои истакнуваат дека со задоволство ги подготвувале предметите за продажба.

– Со моите другарчиња направивме многу изработки за да ги продаваме за Велигден. Два дена ги правевме, ни беше многу интересно и ни беше задоволство да ги изработиме, вели ученичката во четврто одделение во ОУ „Григор Прличев“, Маја Стојкоска.

Особено внимание на саемот привлекуваат производите на охриѓанката Билјана Цветаноска која ги изработува според нова техника.

– Изработувам предмети од разни материјали, со техника позната во светот. Рачна изработка се, при што како основен материјал користам салфетки. Најпрво ова беше мое хоби кое постепено прерасна и во почеста изработка па предметите кои потоа почнав и да ги продавам. Саемот е убава можност за претставување пред охриѓани и гостите, вели Цветаноска.

ЈП „Градски пазар“ саемот го организира со поддршка од локалната самоуправа, општинскиот Црвен крст и основните и средни училишта.

– На саемот има 21 излагач. Целта е да се збогати и туристичката понуда на градот, но акцентот е ставен на хуманитарниот аспект и да дадеме пример за да се почитува општествената одговорност и да се помага со цел да се почуствува велигденската атмосфера. Годинава ќе доделиме 30 хуманитарни пакети за празниците, истакна директорот на ЈП Градски пазар, Тони Коталески.

Коталески изрази надеж дека од година во година бројот на излагачите на саемот ќе се зглемува, а со тоа и можностите за помош на социјално загрозените семејства.