Во организација на Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ вчера во Струга започна Меѓународната литературна манифестација ,,Година на есејот”.

Годинешната манифестација која се одржува по шести пат ќе биде во чест на браќата Миладиновци и одбележувањето на 150-годишнината од нивната смрт. На неа ќе учествуваат повеќе есеисти, теоретичари и писатели од десетина балкански земји, а воедно е оргaнизирана  и изложба во чест на браќата Миладиновци, од страна на  Сеучилиштето „Јосип Јурај Штросмаер“ од Осиек, Хрватска.

Овогодишен лауреат и добитник на повелбата „Академија на Медитеранот“ е Ана Багрјана, писател од Украина. За Багрјана вечерва ќе биде приреден свечен камерен концерт и литературен портрет, со реч на писателката Гордана Михајлова – Бошнаковска во Центарот за култура, а воедно ќе бидат промовирани повеќе книги, а ќе бидат одржани средби со значајни писатели и есеисти во Струга и Охрид.

Ана Багрјана е современ писател, есеист, поетеса, драматург, преведувач од Украина. Родена е на 24 март 1981 година во Фастив, Киевската област. Член е на Националниот сојуз на писателите и Асоцијацијата на украинските писатели. Таа е автор на голем број иниги и добитник на голем број меѓународни награди и признанија.

 Во рамки на манифестацијата ќе се одржи и тркалезната маса на тема „Ками и медитеранот (99 години од раѓањето на францускиот нобеловец Албер Ками)“.

Досегашни лауерати и добитници на повелбата „Академија на Медитеранот“ се писателите академик Луан Старова (2007), Јован Стрезовски (2008), академик Горан Калоѓера, Хрватска (2009), академик Сретен Перовиќ – Црна Гора (2010), Радомир Андриќ, Србија (2011).

OhridNews