Синоќа во Трпејца започна годинешното издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“. Манифестацијата во име на покровителот Општина Охрид ја отвори претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.
Ако Охрид е срцето на макесонскиот туризам, тогаш несомнено Трпејца е неговата душа. Ова место поседува ретка, речиси филмска убавина, кадешто природата и традицијата се спојувале со векови. Но, она што ја прави Трпејца навистина посебна не се само карпите и бистрата езерска вода туку и луѓето. Вие, домаќините кои со вашата топлина и гостопримство правите секој патник, намерник овде да се чувствува како дома. Манифестацијата “На зајдисонце веќе години наназад докажува дека културата и уметноста најдобро виреат таму каде што природата била најдарежлива. Спојот на музиката, зборот, ликовната уметност и театарот со неповторливото зајдисонце е искуство кое долго се памети и настан кој силно го збогатува нашето културно лето, рече Божиноски.
Општината, посочи, препопзнава и силно ја вреднува важноста на ваквите локални иницијативи.
Наша должност и понатаму ќе биде да ги поддржуваме настаните кои што го чуваат нашиот идентитет, кои го промовираат нашиот туризам и кои испраќаат слика за Охрид како врвна културна дестинација. Упатувам огромна благодарност до организаторите за нивниот ентузијазам, сите чинители кои неуморно помагаат како и уметниците кои годинава ќе го споделат својот талент под ова отворено небо, додаде Божиноски.
Пред присутните се обрати и членот на здружението „За Трпејца со љубов“, Милчо Јованоски, а потоа Весна Јованоска од Општина Охрид ја промовира неговата монографија „Петнаесет години На зајдисонце во Трпејца“.

OhridNews















