Во тек се активности за реконструкција на пумпната станица во „Св. Еразмо”, која е дел од водоснабдителниот систем за селата Оровник, Горенци, Требеништа и Подмолје.
Предвидено е да се изврши прочистување на бунарот длабок 80 метри, замена на старата пумпа со нова помоќна и поекономична пумпа, поставување на нов хлоринатор, замена на електрониката за автоматско функционирање на пумпата, како и замена на фасонските делови од истата.
– Со реализирањето на оваа инвестиција за населението и деловните субјекти кои се снабдуваат со вода за пиење преку пумпната станица „Св. Еразмо”, ќе се обезбеди трајно решавање на долгогодишните проблеми и ќе се овозможи подобро и поквалитетно водоснабдување за целото население, како и поефикасно управување со системот. Особено се очекува подобрување на системот за водоснабдување во летниот период, кога поради застареноста на пумпната станица, доаѓаше до прекин во водоснабдувањето, вели градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски.
За реконструкцијата на Пумпната станица во „Св. Еразмо”, предвиднеи се средства во износ од околу 1 милион денари, кои се обезбедени преку проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води” што го реализира Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски со средства добиени од Европската инвестициска банка.
Проектот „Водоснабдување и одведување отпадни води“ има за цел подобрување на условите и подигнување на квалитетот на живот, посебно во руралните средини.
OhridNews












