На иницијатива на Драги Јованчев – Џани, група уметници здружени во невладина организација иницираа формирање на уметнички клуб „Го сакам Охрид“ (Ј’aime Ohrid), кој според најавите, ќе понуди еден поинаков концепт за развој на културата во градот.

Уметникот и фотограф Џани, се заљубил во Охрид на почетокот од 90-те години од минатиот век, кога почнал редовно да доаѓа тука со неговата мајка и тетка. Од пред две години живее во Охрид, а сега конечно се создале услови да ја реализира дамнешната идеја градот да добие современ уметнички клуб по светски терк, вели тој.

-Охрид треба да биде повеќе град на културата, да тежнееме повеќе кон создавање на културен туризам, бидејќи градот не заслужува само ќебапчиња и плескавици, туку многу повеќе. Нашиот концепт е нашите уметниците кои доаѓаат од странство да се дружат повеќе и преку музика, фотографии и изложби да го претставуваат Охрид. – вели Драги Јованчев – Џани, кој и самиот долги години живеел и создавал уметнички дела во Франција.

Идејата е уметничкиот клуб да функционира како француско-славјански културен центар.

-Ние како држава во светот треба да се репрезентираме повеќе со Охрид отколку со Скопје, бидејќи од овие простори почнува големата цивилизација на Европа. Се сеќавам на еден документарец на француската телевизија „АРТ“ снимен за Водици, во кој Охрид беше претставен како Ерусалим на православието. Голема е историјата, голем е и Охрид, треба тоа да го сочуваме. – додава претседателот на уметничкиот клуб „Го сакам Охрид“.

Една од главните цели на клубот е уметноста да ја приближиме до јавноста, што повеќе да ја покажеме историјата на Охрид, но и да го прикажеме новото време преку изложби и разни други уметнички настапи и перформанси, додава Драги Јованчев – Џани. -Клубот ќе биде отворен за јавност во летниот период, а паралелно ќе фукционираме и преку социјалните медиуми, каде ќе ги претстaвуваме нашите уметнички проекти. Исто така планираме да изработиме и видео клип за Охрид, кој ќе биде поставен на „You tube“ како реклама за градот.- најави Јованчев.

Драги Јованчев – Џани смета дека Охрид полека ја губи својата автентичност со преголемата урбанизација, на што треба да се обрати внимание во иднина.

-Охрид треба да се промени, да се сака. Куќите на Охрид се прекрасни, треба во тој стил да градиме, а не да никнуваат градби кои штрчат. Многу треба да работиме за да го сочуваме градот, а не да го уништиме за мал профит. Охрид треба да биде град на културата, да правиме културен туризам, а помладите кои сакаат други содржини да одат на други места кои имаат поинаков концепт. – вели уметникот Јованчев.

Уметничкиот клуб „Го сакам Охрид“, кој се наоѓа на улицата „Цар Самуил“ после ресторанот „Антико“, беше отворен синоќа со пригодна свеченост.

Фото галерија:


Започна со работа уметничкиот клуб „Го сакам Охрид“

OhridNews
фото: Емил Јовановиќ