Од вчеравечер Трпејца пулсира со третото издание на културно – забавната манифестација „ На зајдисонце“ . На отворената сцена „Кај бунарот“ во присуство на неколку стотици гости и жители од Трпејца во името на покровителот Општина Охрид и во името на градоначалникот Никола Бакрачески манифестацијата ја отвори претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњаноска.

Се радувам со фактот што локалната самоуправа  е покровител на една ваква манифестација која е доказ за потребата од дисперзирање на културата и во другите средини освен големите градови и дека е  таа добредојдена, со радост и задоволство прифатена од месното население и во случајов од туристите кои ова , а се надевам и наредните лета ќе ја одберат Трпејца за своја дестинација. Стратегијата на Општина Охрид за развој на селските средини и особено оние кои се на крајбрежието на Охридското Езеро е обемна и поставена на реални основи. Се надевам дека дел од тие проекти ќе бидат поврзани и со македонското Сен Тропе , како што го нарекуваат ова прекрасно место Трпејца. Истовремено ги поздравувам и спонзорите и донаторите на манифестацијата кои го препознале нејзиното значење во желбата за ширење на моќта на културата,“рече Коњаноска.

Чинот на свеченото отворање на манифестацијата го проследи и делегацијата од австралискиот град Квинбијан предводена од градоначалникот Тим Оверал.Град со кој Општина Охрид е на пат да воспостави блиска соработка во повеќе области.

Синоќа беше промовирана химната на манифестацијата дело на авторите: Методија Бараковски, Јовица Каралиевски и Милчо Јованоски во изведба на „ Распеани ѓерданчиња“ кои имаа и свој мини концерт.  Публиката со аплауз го поздрави и настапот на младите надежи виолинистите: Теодора Филоска, Стефани Велјаноска и Филип Волкан.    

Свеченото отворање беше збогатено со изложба на фотографии под наслов: „ Далеку, а блиску“ од фотографите Рома и Лукаш Фрашчек од Полска. Авторите во 2013 ја посетија Македонија и Трпејца и годинава повторно се вратија пред неколку недели за на Здружението ЗА ТРПЕЈЦА СО ЉУБОВ да му подарат 16 фотографии со мотиви од јужните делови на Полска, Македонија и посебно со мотиви од охридското крајбрежие. Организаторите со нив претходно во Трпејца снимија кус видео – материјал во кој сопружниците Фрашчек велат дека нивните фотографии  настанале под влијание на убавините на Трпејца и така одлучиле да направат изложба.

Вториот ден од културно – забавното лето „ На зајдисонце“ во Трпејца носи нови интересни настани. Попладнево започнува школата УЧИМЕ ДА ПЛИВАМЕ раководена по третпат од позната, некогашна пливачка а сега професор по физичка култура Соња Думбалоска – Делова. Ќе следи еднодневната работилница „Бисерните камчиња“ од Трпејца отворена за децата, но и за сите кои сакаат да научат како камчињата можат да станат дел од едно уметничко дело. Анета Вршкоска – Јованоска ќе раководи со работилницата, а од 20 часот на летната сцена „Кај бунарот“ освен изложба на трудови изработени од учесниците на работилницата ќе бидат изложени и најнови дела од Јованоска под наслов „ Соединување“ односно од вториот тематски циклус „ Од љубов за Трпејца“.

 

OhridNews