Екипи на Хидробиолошкиот институт од Охрид денеска започнаа со лов на ендемската охридска пастрмка за вештачки мрест.

Оваа активност се спроведува секоја година во периодот од 20 јануари до 20 март. Од управата на институтот велат дека последниве неколку години, откога нема концесионер за стопанисување со рибниот фонд на езерото, уловената и измолзена пастрмка се маркира и се враќа назад во езерото. Во процесот на улов и собирање на икрата годинава се вклучени 18 рибари од кои 6 на пунктот во Трпејца, 8 рибари на пунктот во Пештани и 4 во делот на езерото кај Охрид.

-Мрежите за лов беа поставени уште во текот на вчерашниот ден, а за нивната безбедност беа задолжени 16 рибочувари. Нашите екипи со специјалниот брод, се на терен уште од раните утрински часови. Веќе е собрана икрата од пунктот кај селото Трпејца. Се очекува до крајот на денот да се собере и икрата од уловената пастрмка кај Пештани и кај Охрид. –изјави Гоце Костоски, директор на Хидробиолошкиот институт од Охрид.

Тој објасни дека  годинава за прв пат ќе се употребат новите инсталации за вештачко одгледување на подмладок на охридска пастрмка. Новото затворено мрестилиште не само што ќе ја олесни работата на надлежните служби, туку и  значително ќе го зголеми ефектот од вештачкиот мрест. Новото мрестилиште кое се смета за едно од најсовремените на Балканот, е изградено со донација од Владата на кралството Норвешка.

Е.Е.