Во едно време исполнето со неизвесност, конфликти и економски потешкотии, хуманоста, независноста, единството, доброволната служба кои се поврзуваат со движењето на Црвениот крст ни даваат поттик да истраеме и се соочиме со предизвиците и им помогнеме на ранливите категориии граѓани, вели претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков.

Претставници од Црвен крст- Охрид, здружението „Анри Динан“ од Струга  и претставници од локалната самоуправа, денес, на споменикот на основоположникот на идејата за движењето на Црвениот крст ,Анри Динан положија свежо цвеќе по повод Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Точков ги повика сите граѓани кои сакаат да помагаат да се приклучат кон бројните волонтери кои во општинската организациа ги има над 1500.

Нашето работење е препознатливо, се стремиме со хуманост да ги заразиме и најмладите и тие понатаму да ја шират идејата на хуманоста. Кај нас се обраќаат различни категории луѓе, од оние кои бараат храна, до оние кои имаат здравствени проблеми, како и родители кои сакаат кај своите деца да го поттикнат моралниот квалитет, додава Точков.

Во рамки на одбележувањето во седиштето на Црвениот крст најмладите охриѓани преку промотивни материјали и презентации од страна на волонтерите, имаа можност да се запознаат со мисијата на движењето на ЦК и активностите на општинската организација. Во Центарот за култура беше отворена втората по ред изложба на „Арс Вивенди“.

Активностите продолжуваат и утре, на градскиот плоштад каде ќе биде промовирана и програмата и активностите на Црвен крст Охрид  во рамките на одбележувањето на Денот на Европа. Во недела во 12 часот на потегот од плоштадот до СРЦ „Билјанини Извори“, на повеќе пунктови ќе се реализира 43-от Општински натпревар по прва помош.

OhridNews